АСОМ со отворено писмо до политичките претставници: Кој има интерес од затворање на легалната индустрија на игри на среќа?

АСОМ со отворено писмо до политичките претставници:

Почитувани политички претставници,

Ви се обраќаме со отворено писмо за да ги разобличиме сите напади врз нашата индустрија, сите малициозни етикетирања, но и да ја разобличиме целата подмолна операција за уништување на легалната индустрија за игри на среќа која е во тек.

Прво, јавно прашуваме, зошто дозволувате една цела индустриска гранка, која е убедливо законски најрегулирана, која легално вработува десетици илјади луѓе и плаќа редовно милиони евра во давачки, да ја нарекувате „мафија“ или „банда“? Дали нашите вработени, кои се повеќе од 10.000, се мафијаши кои хранат семејства од чесна работа? Дали компании кои работат без дамка се мафијашки компании? Или пак мафијата е некаде на друго место? Срамна, нечесна и недозволива е оваа реторика со цел некој политички да профитира пред избори.

Второ, зошто со години бегате од јавна дебата за овој важен закон? Зошто се пишуваат десетици верзии на закон тајно, без вклучување на експерти и јавност? Ние, како претставници на легалната индустрија за игри на среќа, немаме што да криеме, сакаме јавно, пред граѓаните, да ги соочиме аргументите. Прашањето е дали вие имате нешто да криете? До кога ќе ја користите нашата индустрија за коалициски договори и предизборни цели и ќе држите десетици илјади вработени во грч и страв за сопствените работни места? Ако немате што да криете, зошто со години сите бегате од соочување на аргументите? АСОМ и сите членки на нашата организација со години конструктивно нудат решенија кои се во интерес на граѓаните, на заштита на играчите и на прецизна регулација. Тоа е пред сè наш интерес. Во наш интерес е да се подобрува легислативата и да имаме одржлив и долгорочен закон кој ќе биде во интерес на сите. Но, очигледно вам тоа не ви е во интерес. Во интерес ви е само да ја политизирате и да ја злоупотребувате судбината на компании и луѓе пред избори.

Трето, зошто бегате од фактите кога станува збор за закони кои значат затворање на индустријата? На јавноста треба да ѝ е јасно – овој закон, де факто, исто како и сите претходни предлог-закони, значи затворање на легалната индустрија за игри на среќа. Дали знаете што ќе се случи кога ќе ја затворите легалната индустрија за игри на среќа? Ќе се случи истото што се случи во Албанија пред неколку години и истото што се случуваше тука пред десетици години – ќе процвета нелегалниот бизнис, играње по подруми. Ќе расте криминалот, ќе се игра небезбедно, а државата ќе трпи огромни загуби. Им се обраќаме директно на албанските политички партии – зошто не го земете искуството на Албанија? Албанија виде дека затворањето на индустријата нанесе огромна штета, порасна криминалот, се играше „на диво“ и на крај ги вратија легалните обложувалници. Кој има интерес ова да се случи и кај нас? Или некој веќе прави план за нелегален бизнис? Рестриктивните закони никаде и никогаш не решиле ништо, напротив – ги влошиле состојбите. Ако забраните легална продажба на алкохол, луѓето нема да престанат да пијат, туку ќе го набавуваат „на црно“. Истата судбина ја чека државата со овој закон.

Четврто, нели е крајно лицемерно да кажувате дека се борите против легалните приредувачи на игрите на среќа, но истовремено државата самостојно да организира игри на среќа на интернет и самостојно да има интерес да организира видеолотариски игри? Како е тоа заштита на играчите кога пазарната економија се покажува како најдобар чувар на интересите на сите чинители во државата. Тоа е единствено желба за монополизација и контрола од страна на државата, а со тоа и големи добивки за оние кои ги носат овие закони.

Секоја власт лицемерно и политички го злоупотребува нашиот легален бизнис сектор само за да направи преземање, а не за да регулира или пак да ги заштити граѓаните. Ова јавноста и граѓаните мора да го знаат. Сите компании кои работат и се членки на АСОМ се врвно професионални и одговорни компании кои ги следат и почитуваат до буква законите за индустријата. Сè друго е политичка магла и позадински интереси за да се оцрнува нашата индустрија и компаниите кои работат во неа.

АСОМ и компаниите кои ги претставува организацијата уште еднаш цврсто и јасно порачуваат – законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се донесе. Тој е пред сè штетен за граѓаните, за вработените кои ќе изгубат работни места и за безбедноста на играчите.

Ние немаме што да криеме, бараме итна јавна расправа за да се соочат аргументите и конечно да се донесе закон кој ќе биде европски, одржлив и од кој ќе имаат бенефит сите граѓани на оваа држава.
Во спротивно, спремни сме да одиме до крај и со сите расположливи средства да ја браниме нашата легална индустрија од политички напади.

Можеби ќе ве интересира...

Како се станува генерален менаџер на реномирана компанија од областа на транспортната индустрија во САД

BiznisPRO

ЕК формира Управувачки Комитет за СЕПА

BiznisPRO

НАЈГОЛЕМИОТ РЕЗЕРВОАР НА ЛИТИУМ НА СВЕТОТ Ова може да ја промени иднината на ИНДУСТРИЈАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА

BiznisPRO