Август – месец на одмори, но и на осигурување на домот

Топлото време и интензивното сонце во последните месеци ни ја зголемуваат желбата за уживање на плажа, а токму во август плажите се преполни и најголемиот дел од луѓето го користат овој месец за да отидат некаде на одмор. Но, ако одморот ви е личен приоритет, не значи дека треба да заборавите на другите важни работи кои ги оставате дома кога заминувате некаде. Пред да заминете на одмор, осигурајте го домот.

Откако ќе изградите, купите или наследите свој дом, лесно е да се занемарат сите останати работи кои го прават домот безбеден. Меѓутоа, често се случува првата незгода да ни ги отвори очите и да не’ натера да бидеме поодговорни.

Навистина е впечатлив фактот што во Македонија помалку од 7% од вкупниот број на домаќинства се осигурани, додека ситуацијата кај земјите соседи и општо на Балканот е доста поразлична. Во Хрватска речиси ¾ од домаќинствата имаат полиса за осигурување на имот, додека просекот во регионот на Централна и Источна Европа е околу 42%. Во поразвиените земји од Европската Унија, пак, процентот на осигурани домови е нешто над 95%, што само го покажува степенот на свесност кај популацијата за заштитување на она што го поседуваат.

Секако, свесноста и одговорноста не се единствените фактори. Големо влијание има и стандардот, кој кај нас е нешто понизок отколку во горенаведените земји и региони, но и нивото на информираност околу придобивките и заштитата која ја нуди осигурувањето на домот.

Особено во летниот период, кога заминувате на годишен одмор и отсуствувате од домот подолго време, важно е да го заштитите вашиот имот од непредвидени ситуации и незгоди кои би можеле да ви причинат финансиска штета или пак да ви го расипат одморот. Со полисата за осигурување на домот, не ја заштитувате само градбата – туку и сето она што го поседувате внатре во неа: облеката и накитот, електричните уреди, книгите и сликите и сите драги сеќавања што сте ги собирале со години. Едноставно, осигурувањето на домот значи дека се грижите за она што сте го створале целиот живот и дека сте свесни дека не сакате да ги изгубите туку-така.

Затоа и оваа година, пред да тргнете на одмор, направете се’ што е во ваша моќ за да отпатувате со мирен ум и навистина да се опуштите кога ќе пристигнете на плажа. Полисата за осигурување на имот чини само еден мал процент од она што би го платиле за убав одмор, па затоа е логично да уплатите за неа уште денеска и да влезете во месец август осигурани и спокојни, за добар крај на летото.

Можеби ќе ве интересира...

Објавена агендата на конференцијата за е-трговија

BiznisPRO

„Тиквеш“ ги претстави своите модерни практики пред учесниците на регионалната Винска летна школа

BiznisPRO

„Чуварите на мудроста“ на втората конференција ќе споделат мудри совети со младите

BiznisPRO