ЕУ: Европските компании губат милијарди поради фалсификувани производи

Европските производители на облека, козметика и играчки годишно губат околу 16 милијарди евра приход поради фалсификување, а околу 200.000 работни места се изгубени, утврди Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (EUIPO).

„Фалсификуваните производи имаат реални трошоци – за потрошувачите, за брендовите и за нашите економии. Најновото истражување ги покажува многу реалните трошоци, изразени во падот на продажбата и губењето на работните места во ЕУ“, рече извршниот директор на EUIPO, Жоао Неграо.

Кои земји губат најмногу во кои сектори
Меѓу губитниците се издвојува германската индустрија за играчки, сектор кој сочинува една третина од изгубените приходи.

Кипар е најголем губитник во секторот облека, а Франција е најголем губитник во козметичкиот сектор.

Индустријата за облека губи речиси 12 милијарди евра приход секоја година или 5,2 отсто од вкупниот промет.

Значително помала продажба е забележана и во европскиот сектор за козметика и играчки во целина. Фалсификуваната козметика го намали приходот на компаниите за три милијарди евра, што одговара на пад од 4,8 отсто. Индустријата за играчки загуби милијарда евра приход, кој е намален за 8,7 отсто.

Фалсификувањето влијае и на пазарот на трудот. Според истражувањето на EUIPO, спроведено во периодот од 2018 до 2021 година, фалсификувањето е причина за затворање на 160.000 работни места во секторот за облека, 32.000 во козметичкиот сектор и 3.600 во индустријата за играчки.

Фалсификуваната стока често претставува сериозни здравствени и безбедносни проблеми за потрошувачите, што особено важи за фалсификуваните козметички производи и играчки.

Во 2022 година, потенцијално опасните фалсификувани производи сочинуваа 15 отсто од стоките запленети на надворешните граници на ЕУ, според EUIPO.

Потрошувачите, од друга страна, купуваат фалсификувани производи главно затоа што оригиналот им е прескап, покажува истражувањето на EUIPO спроведено минатиот јуни.

Третина од Европејците сметаат дека овој мотив е прифатлив, а меѓу младите уделот се искачува на 50 отсто, објави канцеларијата.

Можеби ќе ве интересира...

Драстичен скок на цената на нафтата на светските берзи

BiznisPRO

Руската рубља е најсилна во однос на доларот и еврото од крајот на јуни

BiznisPRO

„Веројатно ќе ги намалиме каматните стапки“

BiznisPRO