Десет години успешна стратешка соработка меѓу Филип Морис Интернешнал (ФМИ) и Тутунскиот Комбинат Прилеп (ТКП) се одбележаа денеска на настанот на кој, меѓу другите, присуствуваa премиерот Христијан Мицкоски, Регионалниот потпретседател за кластерот Југоисточна Европа во Филип Морис Интернешнал, Костас Салварас и Генералниот директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), Иван Костиќ.
Присутните заклучија дека се исполнети основните цели на партнерството – остварување заедничка корист за двете компании и создавање цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија. Посебно беше нагласена целта за продолжување на успешната соработка, особено во делот на иновациите и инвестициите во нови технологии.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека изминатите 10 години се пример за позитивното влијание што силните меѓународни соработки можат да го имаат врз економијата и заедницата.
„Многу е направено и многу е постигнато во овие години, состојбата е консолидирана. Градењето на партнерски односи е нешто на коешто сите ние треба заедно да работиме и за коешто оваа Влада ќе даде безусловна поддршка и очекувам со иста динамика да продолжат развојот, инвестициите и производството.“ изјави Мицкоски.
Регионалниот потпретседател за кластерот Југоисточна Европа во Филип Морис Интернешнал Костас Салварас, пред присутните истакна дека соработката помеѓу Филип Морис Интернешнaл и Тутунскиот Kомбинат Прилеп овозможи успешно реструктурирање и трансформација на ТКП, со што комбинатот стана повторно успешна компанија, додавајќи дека целта е да се продолжи и да се прошири успешната соработка преку иновации и инвестиции во нови технологии.
Генералниот директор Костиќ во својот говор се осврна на досегашните успеси од партнерството: “Компанијата ФМТКП учествува во државниот буџет со повеќе од 120 милиони евра годишно. Во изминатите десет години компанијата се позиционираше на врвот на македонскиот пазар во сите сегменти на работењето, резултурајќи со отпочнување на извоз на 9 пазари, меѓу кои и земји од Европската Унија. Паралелно, продолжуваме да ја градиме иднината без чад, базирана на научно поткрепени и иновативни решенија, но остануваме посветени и на остварување на нашите заеднички цели со стратешкиот партнер Тутунскиот Комбинат Прилеп.”