Од 10 до 12 јули, живописниот Галичник повторно ќе биде домаќин на една од најпрепознатливите и најавтентични културни манифестации во Македонија – „Галичка свадба“. Илјадници посетители од земјава и странство и годинава ќе имаат можност да бидат дел од единственото доживување што го нуди оваа вековна традиција, исполнета со свадбарски обичаи, автентични носии, изворни песни и ора кои претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај. И оваа година, Пивара Скопје и СКОПСКО остануваат главни поддржувачи и партнери на манифестацијата, продолжувајќи го повеќедецениското партнерство кое трае уште од самите почетоци на современата Галичка свадба. Во чест на годинешното издание, Пивара Скопје подготви и специјална лимитирана серија СКОПСКО со визуелен идентитет посветен на Галичка свадба, која ќе биде достапна за сите посетители и ќе претставува уникатен сувенир од овој впечатлив и незаборавен настан.
Во центарот на вниманието на годинешната Галичка свадба ќе бидат галичките младоженци, Александар Пендароски и Мартина Михајлова. Нивниот избор носи и посебна симболика, бидејќи годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на Александар. На тој начин, нивното учество претставува продолжување на едно семејно наследство и силна поврзаност со Галичник и неговите обичаи и традиција.
„Најубавите приказни траат. Повеќе од половина век Пивара Скопје не е само партнер на Галичка свадба – ние сме дел од нејзината приказна. Традицијата не е нешто што го чуваме само во минатото. Традицијата е нешто што заедно го создаваме денес.
Автентичноста не може да се копира. Токму затоа Галичка свадба е единствена. Затоа создаваме нови искуства, со длабока почит кон традицијата. За ваква пригода не е доволно кое било пиво. Затоа создадовме специјална серија СКОПСКО посветена токму на Галичка свадба. Ова е специјално СКОПСКО за специјална пригода. Не можете да го купите – можете само да го доживеете таму каде што му е местото, во Галичник. Галичка свадба ја слави љубовта. Ние ги славиме луѓето кои ја чуваат нејзината приказна. На нашите драги младоженци, Александар и Мартина, им посакувам заедно да создадат живот исполнет со љубов, разбирање, насмевки и убави спомени. Нека ова биде само првото големо „На здравје!“ во нивниот долг и среќен заеднички живот “, изјави Огњен Лазиќ, генерален директор на Пивара Скопје.
Toj ги покани сите љубители на традицијата и културата од 10 до 12 јули да бидат дел од Галичник и од прва рака да ја почувствуваат магијата на оваа единствена манифестација.
Организатор на манифестацијата е Месната заедница „Галичник“, чиј претседател Огнен Караѓозовски истакнува дека интересот за учество во Галичка свадба продолжува да расте.
„Галичката свадба е многу повеќе од манифестација што се одржува еден јулски викенд. Таа е жив дел од нашиот идентитет и најдобар доказ дека традицијата продолжува да живее низ семејствата и низ генерациите. Токму затоа годинашните младоженци носат посебна симболика – 35 години по свадбата на неговите родители во Галичник, Александар станува галички зет и продолжува една семејна приказна. Особено нè радува што годинава ќе ја збогатиме програмата и со два традиционални обичаи – „Китење на ситото“ и „Замесување на сваќата“, со што на посетителите ќе им овозможиме уште поавтентично да ја доживеат богатата галичка свадбена традиција. Благодарни сме на сите институции, партнери и поддржувачи, а особено на Пивара Скопје, чија долгогодишна поддршка има огромно значење за континуитетот и развојот на Галичка свадба“, изјави Караѓозовски.
Годинешните галички младоженци велат дека изборот да бидат дел од оваа уникатна традиција претставува една од најголемите почести во нивниот живот.
„За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации. Особено сум горд што токму годинава, кога се одбележуваат 35 години од свадбата на моите родители во Галичник, ќе имам можност и самиот да бидам галички младоженец“, изјави Александар Пендароски, галички младоженец.
„Галичка свадба е чувство што тешко може да се опише со зборови. Тоа е чест, одговорност и привилегија да се биде дел од традиција која опстојува со векови. Со нетрпение и огромна возбуда ги очекуваме моментите кога заедно со нашите семејства и сите гости ќе ја почувствуваме магијата на Галичник и на уникатните свадбарски обичаи“, изјави Мартина Михајлова, галична невеста.
Покровител на Галичка свадба 2026 е претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а Министерството за култура и туризам и годинава обезбедува институционална поддршка за одржувањето на манифестацијата, заедно со голем број компании и пријатели на Галичник.
Програма на Галичка свадба 2026 – три дена во кои оживуваат вековните галички свадбени обичаи
Програмата на годинешната Галичка свадба традиционално ќе започне во петок, 10 јули, со културни и забавни содржини како вовед во свадбениот викенд. Прва ќе настапи музичка група составена од млади музичари по потекло од Галичник, кои за првпат ќе се претстават пред публиката, а потоа ќе следува концерт на групата „Дупер“.
Во сабота, 11 јули, ќе започнат главните свадбарски обичаи со „китење на ситото“ и „замесување на сваќата“ по што следуваат пречекот на тапаните, китењето и поставувањето на свадбарскиот бајрак, симболичното „фрлање три пушки“ од куќата на зетот, како и изведбата на познатите свекрвино и невестинско оро, како и традиционалното „Тешкото“, во изведба на ансамблот „Танец“, на платото пред надалеку познатата чешма „Упија“. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите ќе оди да полни вода од трите галички чешми, еден од највпечатливите обичаи на свадбата.
Недела, 12 јули, е денот на венчавањето и најсвечениот дел од програмата. Ќе бидат изведени традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“, „гледање низ прстен“, „тргнување по невеста“, дарувањето и останатите свадбарски ритуали. Венчавањето на младенците ќе се изврши во црквата „Св. Петар и Павле“, по што свеченоста ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Како и претходните години, целата програма на Галичка свадба 2026, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.
За посетителите и годинава ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим во селото, а организаторите и партнерите упатуваат апел до сите гости одговорно да уживаат во празничната атмосфера, одговорно да консумираат алкохол, да не управуваат возило доколку пијат и да придонесат за зачувување на чистата природа и убавината на Галичник.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
