ИСОС: Јакнењето на сметководствената професија ќе донесе дополнителни придобивки и за микро, малиот и средниот бизнис

Воведувањето и употребата на меѓународните стандарди за финансиско известување во нашата земја ќе обезбеди усогласеност на финансиските извештаи на домашните компании, вклучувајќи ги и малите и средни фирми, со оние што се изготвуваат на глобално ниво, што секако ќе донесе низа придобивки за нашиот бизнис сектор, бидејќи со тоа се зголемува неговата конкурентност, креирајќи нови можности за бизнис, инвестиции и соработка во глобални рамки. Ова беше една од темите и основните пораки што произлегоа од средбата на претставниците на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) со членовите на Центарот за микро, мали и средни претпријатија при Стопанската комора на РСМ.

На средбата беше нотирано дека во текот на минатата година ИСОС успешно го заврши преводот на меѓународните сметководствени стандарди, по што истите беа објавени во Службен весник, со што се отстрани и последната формална пречка за нивна примена, која согласно важечката законска регулатива треба да почне следната година.
Претставниците на микро, малите и средните претпријатија беа запознаени и со резултатите и придобивките од процесот на ажурирање и објавување на податоците во регистрите на професионални сметководители што ги води ИСОС, којшто беше успешно заокружен на почетокот на оваа година, по што следуваше и електронска размена на податоците од вака ажурираните регистри со Централниот регистар. На средбата беше заклучено дека јавното објавување на ажурираните регистри придонесува за елиминирање на работењето во т.н. сива зона – појава која нанесува штета на сметководствената професија – и истовремено ќе го унапреди работењето на бизнисот, имајќи ја предвид големата одговорност што ја имаат професионалните сметководители во делот на водењето и евиденцијата на сите финансиски текови.

Зборувајќи за придобивките од овие процеси, претседателката на ИСОС Весна Прентоска и во оваа прилика одново ги повика сите компании навремено да проверат дали сметководителот или друштвото кое ги извршува нивните сметководствени работи се наоѓа во соодветниот ажуриран регистар што е објавен на веб-страницата на ИСОС. На тој начин, тие добиваат дополнителна сигурност дека професионалните сметководители и друштва, кои ги изготвуваат нивните годишни сметки и останати документи за финансиско известување, ги исполнуваат законските услови и согласно на тоа можат да вршат сметководствени работи.
На состанокот стана збор и за останатите активности што ги презема ИСОС во сегментот на континуирано стручно усовршување на сметководителите, доследната примена на законската регулатива, како и на етичките принципи на професијата. Во текот на дискусијата беа отворени и други прашања и теми од интерес на бизнисот, а кои се во доменот на законските надлежности на ИСОС.
Ваквата средба со претставниците на микро, малите и средните претпријатија е дел од континуираните заложби на ИСОС за унапредување на дијалогот и соработката со сите релевантни чинители кои се поврзани и од кои зависни натамошниот напредок на сметководствената професија во нашата земја. Во рамки на овие активности, веќе од оваа недела започнува и новиот серијал средби на членови на раководниот тим на ИСОС со претставници на сметководствените друштва ширум земјата.

Можеби ќе ве интересира...

МТЕЛ ја проширува продажната мрежа, отворен нов продажен салон во Штип

BiznisPRO

ЕОС Матрикс Македонија го зголеми откупот на нефункционални пласмани – вложени над пет милиони евра

BiznisPRO

Халкбанк ги носи децата на планетата Ѕвездалија за месецот на штедењето

BiznisPRO