Ковачевски: Со нова инвестиција од 200 милиони евра стануваме крстосница на Балканот, ја поврзуваме земјата со регионалните и европските железнички коридори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод потпишување на договори за изградба на железничката пруга за прва и втора фаза на Коридор 8 и реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.

На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи министрите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски, како и претставници на компаниите „Саваж“, „Штрабаг“, „Ѓулермак“ и „МТВ“ и од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР.

Во продолжение е обраќањето на премиерот Ковачевски по повод овој настан.

„Ми претставува огромна чест и задоволство што со потпишувањето на денешните договори меѓу ЈП ЖРСМ и фирмите изведувачи започнуваме еден мошне важен процес на ревитализација на неколку клучни делници со вкупна должина од 96 километри, по кои непречено и ефикасно ќе се одвива железничкиот сообраќај во земјава, а кој ќе придонесе за забрзан регионален и економски развој.

Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра во која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10.

Градежните зафати кои ја опфаќаат ревитализацијата покрај подобрување на техничките карактеристики на пругата, ќе обезбедат целосно модернизирање по европски стандарди преку изградба на нови мостови, поставување безбедносни бариери и заштита од врева и вибрации, поставување на нови сигнално сигурносни уреди, изградба на нови железнички станици, итн.
Честитки за институциите за успешно спроведената комплексна постапка за избор на изведувачи согласно правилата на ЕБОР и честитки за избраните компании од кои очекуваме навремена и квалитетна изведба согласно договореното.

Реализација на планираните инвестициски вложувања во железничката инфраструктура во Коридорите 8 и 10, е исклучително важен проект од кој придобивки ќе имаат и Република Северна Македонија но и регионот.

Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори.

Инвестицијата воедно ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија. Регионалното поврзување од овој тип е исклучително важен момент за нашата економија.

Со оваа инфраструктурна инвестиција се отвораат и практично обезбедуваат нови пазари за домашните компании. Нашите компании полесно и побрзо ќе се поврзат со регионот и пошироко што отвора многу нови можности за просперитет и економски развој. Алтернативните рути кои ги обезбедува оваа инвестиција во крајна линија ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме.

Инвестицијата несомнено ќе значи и подобрување на макроекономски параметри на државата, значајни во време на глобална економска криза.

Со рехабилитациските зафати на Коридорот 8 по речиси 30 години, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија станува реалност. Овој проект ќе биде од пошироко значење и за стопанството, за бизнисот но и влог во европската агенда за функционално железничко поврзување на целиот регион.

Пристапувањето во Европската Унија покрај тоа што е политички процес, воедно е и процес на инфраструктурно и економско поврзување. Овој процес се движи паралелно и е подеднакво важен бидејќи носи опипливи придобивки врзани со подобрување на бизнис климата но и со подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Пред нас е уште еден доказ дека политиките на пријателство, добрососедство и соработка значат развој и поединечно за двете земји, но и за регионот. Кога постои волја, тие политики лесно и најпрактично се преточуваат во конкретни, реални и остварливи цели во интерес на граѓаните. Тоа е нашиот фокус и нашата заложба, да се поврзуваме со земјите од регионот на начин кој ќе овозможи просперитет за сите, а со кои граѓаните ќе бидат економски зајакнати. Регионалниот развој и соработка, како и досега останува наш приоритет.

Воедно, импактот кој инвестицијата ќе го има врз развојот и реформите во железничкиот сектор се несомнени. Реформите се долг процес, но тие претставуваат неопходен предуслов за железнички транспорт каков што сите посакуваме: подеднакво развиен, безбеден, брз и еколошки како и во земјите на Европската Унија. Придобивките од развиениот железнички транспорт се неколкукратни и затоа сите ние треба да продолжиме да работиме на модернизација на железницата преку заеднички проекти со нашите партнери од ЕУ со цел ефикасна и модерна железничка мрежа во регионот.

За крај, навистина сум задоволен што овој проект доаѓа веднаш по вчерашниот историски ден за Република Северна Македонија. Ова, како што кажав е практична имплементација на добрососедски политики, и е добар патоказ во која насока треба да се движат работите и на политички и на економски план.

Вчера пред присутните 27 земји членки посочив дека Северна Македонија е природно поврзана со Европската Унија. ЕУ е наш главен трговски партнер. Нашата економија е нераскинливо структурно поврзана со таа на ЕУ, не само во поглед на трговската размена туку и поврзано севкупните релации помеѓу деловните субјекти.

Оваа денешна инвестиција ќе придонесе овој партнерски однос да се продлабочи и развива. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат и очекуваат забрзан развој кој ќе обезбеди повисок стандард.

Храбрите, тешки и патриотски одлуки кои ги донесовме, од денес се преточуваат во конкретни проекти кои ќе обезбедат севкупен развој. Она што е важно, е дека имаме јасна визија за иднината, ја движиме државата напред. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое граѓаните ќе се економски напредни со подобрен квалитет на живот”, рече премиерот Ковачевски.

Можеби ќе ве интересира...

Тргна исплатата на пензиите – Повисоки се за 8,4 проценти

BiznisPRO

Боинг 737 на црната листа: Патниците го избегнуваат откако вратите му паѓаа при лет

BiznisPRO

ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ЌОР СОКАК! Отпуштања фрчат во гиганти, а потребата од работници се зголемува, што се случува?

BiznisPRO