Данскиот производител на играчки Лего денеска објави дека неговиот приход во 2023 година се зголемил за два отсто, на 65,9 милијарди дански круни или приближно 8,83 милијарди евра.
Лего забележа раст на приходите и покрај тоа што глобалната продажба на играчки падна за седум отсто минатата година.
Како што е наведено, оперативниот профит на компанијата во 2023 година падна за пет отсто на годишно ниво на 17,1 милијарди дански круни поради стратешките инвестиции на компанијата и ефектот на девизните курсеви.
Нето добивката во 2023 година достигна 13,1 милијарди дански круни или околу 1,76 милијарди евра, што е речиси пет отсто помалку од 2022 година.
Лего забележа пад на продажбата на својот клучен кинески пазар, изјави извршниот директор на компанијата Нилс Кристијансен.
Компанијата лани отвори 147 нови продавници, од кои 91 во Кина.
Лего исто така го зајакнува своето присуство во дигиталниот свет, бидејќи компанијата ја лансираше видео играта Lego Fortnite во соработка со Epic Games.
– Во суштина, ние се бориме за вниманието на децата и нивното време, како и да продолжиме да бидеме релевантни за нив – рече Кристијансен, пренесува CNN (CNBC).