М6 Едукативен центар го стартува сопствениот поткаст „Чекор напред со М6“, каде преку разговори со врвни експерти и докажани професионалци ќе понуди уникатен увид и професионални искуства за различни аспекти на бизнисот и личниот развој. Овој проект има за цел да ги поттикне професионалците од различни области и компаниите да развиваат стратешки пристап, знаење и вештини кои придонесуваат за долгорочен успех и одржлив развој.
Во 2020 год. М6 ја креираше платформата „Чекор Напред“ преку која разработува решенија за значајни прашања кои ги засегаат сите во општеството преку организирање тренинзи, обуки, работилници и други настани. Овој поткаст е логичен ЧЕКОР НАПРЕД во развојот на оваа иницијатива која има за цел да даде поддршка на професионалниот развој на лидерите и вработените во македонските компании. Секоја епизода ќе биде посветена на различни теми од бизнисот и образованието, а главен фокус ќе биде ставен на актуелни и релевантни теми за мали и средни претпријатија, менаџери, претприемачи и професионалци кои сакаат да го прошират своето знаење и да добијат практични совети од водечки експерти.
Првата епизода од поткастот, која ќе биде емитувана на 29 јануари 2025 година, ќе донесе ексклузивен разговор со Светозар Јаневски, еден од најуспешните претприемачи и бизнис-визионери во земјава. Презентирајќи го своето долгогодишно богато искуство во управување со компании од различни индустрии, Јаневски ќе го сподели својот пристап кон клучните предизвици во управувањето со човечки ресурси – идентификувањето и развојот на талентите, улогата на лидерството во поттикнувањето на продуктивноста и задоволството на вработените, создавање мотивирани тимови, влијанието на стратегиското управување со човечки ресурси врз долгорочниот успех на компанијата и градење на организациска култура која поттикнува иновации.
„Со поткастот ‘Чекор напред со М6’ сакаме да создадеме простор за конструктивни дискусии и размена на искуства кои ќе им помогнат на поединците и организациите да ја унапредат својата работа. Светозар Јаневски е вистинскиот избор за отворање на оваа платформа, бидејќи неговата визија и резултати претставуваат инспирација за многумина“, изјавија од тимот на М6 Едукативен центар.
Следните инспиративни гости на поткастот „Чекор напред со М6“ ќе ја презентираат својата експертиза за дигитализацијата, дигиталниот маркетинг, финансиите, контролата на квалитетот, управувањето со проекти, извозот, логистиката, успешната продажба и други теми поврзани со секојдневното управување на компаниите.
Со цел да достигне до широка публика поткастот ќе биде достапен на сите главни дигитални платформи, вклучувајќи ги Spotify, Apple Podcasts и YouTube, додека целосната епизода ќе биде достапна и на официјалната веб-страница на Центарот – www.m6.edu.mk
Овој серијал е под покровителство на Иницијативата за развој на кадрите во приватниот сектор во државата, ко-финансирана од М6 Едукативниот центар и Владата на Швајцарија преку швајцарскиот проект „Образование за вработување“ – Е4Е@MK спроведуван од Хелветас.