Меѓународната организација на трудот (МОТ) донесе Резолуција за достоинствена работа и економија на грижа која има за цел зајакнување на економијата за грижа преку промовирање на достоинствената работа, почитување на правата на работниците и обезбедување подобри услови за оние кои се дел од овој сектор. Резолуцијата, прифатена на 112-та седница на Меѓународната конференција на трудот одржана во јуни 2024 г., претставува значаен чекор кон решавање на предизвиците и подобрување на квалитетот на работните места во овој сектор, кој е суштински за поддршка на ранливите групи во општеството.
МОТ проценува дека до 2030 година над 2,3 милијарди возрасни, како и 100 милиони деца, ќе имаат потреба од услуги за грижа. Во моментов, повеќе од три четвртини од неплатената работа за грижа ја извршуваат жени. Во глобални рамки, 20% од здравствените работници и работниците за грижа работат неформално, а овој процент се зголемува на над 30% во земјите со низок и среден приход.
Како глобален лидер за унапредување на достоинствената работа во економијата на грижа, МОТ се води според принципите на т.н. рамка за достоинствена работа во секторот на грижа, која вклучува признавање, намалување и прераспределба на неплатената грижа, како и наградување и застапување на работниците за грижа.
МОТ активно работи на реализација на новата резолуција за достоинствена работа во економијата на грижа преку развивање и имплементација на конкретни политики и мерки. Овие напори опфаќаат креирање и спроведување политики за заштита; образование, обука и признавање на вештините на овие работници, со цел зголемување на нивната компетентност и можности за вработување; пристап до социјална заштита; застапување и консултација со работниците и нивните организации за подобро разбирање и решавање на нивните специфични потреби.
За таа цел, Резолуцијата повикува секоја земја членка да ги признае специфичните предизвици со кои се соочуваат работниците во секторот на грижа. Ова вклучува подобрување на нивните работни услови, зголемување на заштитата и обезбедување фер плати. Понатаму, Резолуцијата бара обезбедување сигурност и рамноправност во овој сектор, со посебен фокус на жените, кои сочинуваат значителен дел од работната сила.
МОТ ја истакнува потребата од соработка меѓу владите, синдикатите и работодавачите за постигнување на позитивни промени во секторот на грижа и издигнување на достоинството и правата на работниците.
Меѓународен ден за грижа и поддршка
По повод Меѓународниот ден за грижа и поддршка, 29 октомври, МОТ потсетува на виталната улога на работниците во секторот на грижа, кои секојдневно обезбедуваат поддршка на најранливите категории во општеството. Овој ден е посветен на признавање на трудот на сите кои се дел од економијата на грижа и претставува повик за акција до глобалната заедница за поддршка на овие работници и унапредување на нивните права. Преку спроведување на новата Резолуција, МОТ се надева дека ќе го подобри статусот на работниците во овој сектор и ќе ги зајакне напорите за создавање на инклузивни и одржливи работни средини.