Одбележана соработката на МФ со САД – Градење на институционалните капацитети и модерен и силен систем на јавни финансии

Министерството за финансии со поддршка од САД, преку Трезорот на САД и Канцеларијата за техничка помош – ОТА, работи на зајакнување на капацитетот и градење модерен и силен систем на јавни финансии. Реализираните и планираните активности денеска беа претставени на настан на тема „Зајакнување на институционалните капацитети: Одбележување на соработката меѓу САД и Северна Македонија“. На настанот воведни обраќања имаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски и амбасадорката на САД во земјава Ангела Агелер.

„Денес сме собрани да ја одбележиме и истакнеме една од најзначајните и најконзистентните меѓународни партнерства кои ја поддржуваат нашата држава во унапредувањето на јавните финансии – соработката меѓу Министерството за финансии и Министерството за финансии на САД, преку нивната Канцеларија за техничка помош (US Treasury – OTA). Ова партнерство не е само поддршка, туку долгорочен процес на јакнење на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи кои ќе обезбедат предвидливи, одговорни и транспарентни јавни финансии“, рече министерката.

Таа се заблагодари за поддршката и истакна дека партнерството помеѓу Македонија и САД во областа на јавните финансии не е административна соработка, туку долгорочна инвестиција во стандардите, институционалниот интегритет и транспарентноста. При тоа наведе дека програмите директно придонесуваат за поефикасни институции, подобро управување со ресурсите, намалување на ризиците и поголема заштита на граѓаните.

Вицепремиерот Димовски, исто така, ја истакна важноста на поддршката што земјата ја добива во изминатите години и потенцира дека техничката помош преку Трезорот на САД е од суштинско значење за модернизацијата на нашиот систем на управување со јавните финансии и овозможува подобра ефикасност, поголема транспарентност, подобра отчетност, како и воспоставување европски и меѓународни стандарди кои се неопходни за долгорочна фискална стабилност.

Оцени дека тоа не се само технички и административни процеси, туку дека се темелни реформи кои влијаат врз довербата на граѓаните, врз довербата на инвеститорите, и врз нашата способност да градиме одржлива и стабилна економија.

„Нашата земја се движи низ период полн со предизвици, но и со можности. За да ги постигнеме нашите национални цели, потребни се силни институции, јасни политики и стратешки партнерства. САД се еден од тие партнери кои постојано стојат зад нас и ни помагаат да го забрзаме нашиот напредок“, порача вицепремиерот Димоски.
Амбасадорката на САД потенцира дека оваа програма е втора најголема од ваков вид на Министерството за финансии на САД на глобално ниво и оти е фокусирана на пет клучни области, односно управување со јавните финансии, финансирање на јавниот долг и инфраструктурата, банкарство и финансиски услуги, буџетска отчетност и борба против економски криминал.

„Успехот на ова партнерство е потврда на нашата заедничка посветеност и на отворената, партнерска атмосфера што ја негува Министерството за финансии. Градиме посилни институции, воспоставуваме попаметно фискално управување и креираме појасни и поправични правила што им даваат сигурност на бизнисите и инвеститорите да ги прошируваат своите капацитети. Реформите ќе придонесат за диверзификација на изворите на финансирање, развој на пазарите на капитал и намалување на зависноста од надворешно задолжување. Секоја активност има директно влијание врз животот на бизнисите и граѓаните во Северна Македонија и во Соединетите Американски Држави“, истакна Агелер.

Активностите се спроведуваа во секторите трезор, буџет и фондови, финансиски систем и во областа на даночниот и царинскиот систем. Целта е унапредување на структурата на буџетот со поголема транспарентност, зајакнување на надзорот над небанкарските финансиски институции, зајакнување со управувањето на јавниот долг и подобрување на пазарите на државни хартии од вредност и пазарите на капитал, како и подобрување на ИТ системите и сајбер безбедноста во Управата за јавни приходи и Царинската управа.

фото Министерство за финансии

Можеби ќе ве интересира...

Над 90 отсто од домаќинствата имаат пристап на интернет, дури 63,5 отсто од граѓаните купиле стоки или услуги преку интернет

BiznisPRO

Голем раст на платите во Германија

BiznisPRO

Реплек со силен раст: Приходите од продажба во сегментот фармација пораснаа за 22%, нето добивката скокна за 90% во првото полугодие

BiznisPRO