Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот задржана на 1,75%

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици и последните расположливи податоци, Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,75%, којашто ќе се применува и во четвртото тримесечје од 2025 година.

Противцикличниот заштитен слој на капиталот е макропрудентна мерка, со која се делува превентивно и се зајакнува капиталната сила на домашните банки, а со тоа и отпорноста на банкарскиот сектор. На седницата на Извршниот одбор беа земени предвид повеќе показатели за макроекономското окружување, пазарот на недвижности и банкарскиот систем. Беше оценето дека задржувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 1,75%, по неговото зголемување во неколку наврати, е во согласност со постепеното стабилизирање на макроекономскиот контекст, понатамошниот раст на цените на недвижностите, како и солидната кредитна активност на банките – раст од 6,5% на годишна основа заклучно со првата половина од годинава.

Банкарскиот систем и натаму е сигурен и стабилен во услови на ниско системско остварување на кредитниот ризик, со солидна профитабилност и солвентност и соодветно ниво на ликвидност, додека редовните стрес-тестови ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот систем на различни шокови.

Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.

Можеби ќе ве интересира...

Познат моден бренд се шири во регионот, ја покрива и Македонија

BiznisPRO

Првите резултати од бојкотот: Старбакс отпушта илјадници работници, акциите на Кока-Кола паднаа за 7 отсто

BiznisPRO

Невработеноста во Америка е најголема во последните две години

BiznisPRO