Од 9 до 11 септември 2026 година, Охрид ќе биде домаќин на Ohrid 2026 Regional Conference, регионална конференција посветена на актуелните предизвици во еврозоната и нивното влијание врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан кои се надвор од Европската Унија.
Конференцијата, која ќе се одржи во хотелот Inex Olgica во Охрид, е во организација на Balkan Economic Forum (BEF), под покровителство на Министерството за финансии на Република Северна Македонија и со поддршка од Japan Tobacco International (JTI).
Во услови на сè покомплексно европско и глобално економско опкружување, прашањето за тоа како случувањата во еврозоната се одразуваат врз економиите и јавните финансии на земјите од Западен Балкан добива дополнително значење. Иако не се дел од еврозоната, економиите од регионот се тесно поврзани со европските пазари, инвестиции и економски текови, додека истовремено се соочуваат со потребата да обезбедат стабилни јавни финансии, простор за економски развој и постепено усогласување со европските политики и стандарди.
„Земјите од Западен Балкан кои сè уште се надвор од Европската Унија не учествуваат директно во креирањето на политиките во еврозоната, но нивните економии силно ги чувствуваат ефектите од економските движења и одлуките што се носат во Европа. Токму затоа е потребен посериозен регионален дијалог за тоа како да градиме поотпорни јавни финансии, да го зачуваме просторот за економски развој и подобро да се подготвиме за понатамошна европска интеграција. Со конференцијата во Охрид сакаме да создадеме простор за токму таков отворен и практичен разговор,“ истакнува проф. д-р Сашо Ќосев, претседател на Balkan Economic Forum.
Ohrid 2026 Regional Conference е замислена како платформа за регионален дијалог и размена на ставови меѓу претставници на институциите, креаторите на економски политики, експертската и академската заедница и приватниот сектор, со фокус на економските и фискалните предизвици кои се заеднички за земјите од регионот.
Целта на конференцијата е дискусијата за европските економски движења да се поврзе со конкретните потреби на земјите од Западен Балкан – од зајакнување на фискалната отпорност и одржливоста на јавните финансии, до создавање услови за долгорочен економски раст и поблиска регионална и европска интеграција.
Balkan Economic Forum е независна регионална платформа насочена кон економски развој, регионална соработка и креирање нови пристапи кон економските предизвици со кои се соочуваат балканските земји.
Во рамки на своите активности, BEF во изминатите години организираше и регионални економски форуми во Скопје, Тирана, Загреб и Белград, собирајќи претставници на јавниот и приватниот сектор, експерти и академската заедница од земјите од регионот и пошироко.
Повеќе информации за Ohrid 2026 Regional Conference се достапни на официјалната веб-страница на Balkan Economic Forum.
