Њујорк, 21 септември 2026 – Македонската компанија Пантелеон ГС Скопје беше ко-домаќин на деловна средба на Бизнис советот за меѓународно разбирање (BCIU), одржана во престижниот Yale Club во срцето на Њујорк.
Настанот е дел од континуираните напори за поврзување на македонскиот и американскиот бизнис сектор на највисоко ниво, а Пантелеон ГС Скопје ја организираше во соработка со Ѓорев Холдинг.
„Ме радува што македонска компанија може да биде дел од настан на вакво ниво. Ваквите деловни врски не се градат преку ноќ, но токму ваквите средби отвораат простор за поголемо присуство на македонските компании на американскиот пазар“, изјави Блажо Ѓорев, основач на Ѓорев Холдинг.
На средбата се обрати и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, пред претставниците на американската деловна заедница.
Учеството на македонска компанија како ко-домаќин на настан од ваков ранг го потврдува растечкото значење на македонскиот бизнис во поврзувањето на двете економии.
BCIU е основан во 1955 година како иницијатива на Белата куќа и претседателот Двајт Ајзенхауер. Денес, организацијата обединува повеќе од 200 компании, меѓу кои и голем број компании од Fortune листата, и претставува платформа на која водечки претставници на глобалниот бизнис се среќаваат со шефови на држави и влади, како и со лидери на меѓународни компании.
