Посета на гувернерот на централната банка на Австрија – Народната банка ги следи високите европски стандарди

Преку постојано усогласување со најновите стандарди и практики и непрекинато зајакнување на институционалниот и аналитичкиот капацитет, Народната банка ги следи високите критериуми на Европскиот систем на централни банки и со тоа придонесува кон понатамошниот евроинтеграциски процес на земјата. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите, Ана Митреска, Емилија Нацевска и Фадил Бајрами и извршната директорка Султанија Бојчева-Терзијан, со делегацијата на Народната банка на Австрија, предводена од гувернерот, Роберт Холцман, а во состав: раководителката за Централна, Источна и Југоисточна Европа, Јулија Ворц и раководителката за комуникации, Марлис Форман. На средбата којашто се одржа во Народната банка, присуствуваше и амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер.

Дискусијата беше насочена кон евроинтеграцијата на земјава и економскиот развој, со акцент на новиот План за раст на Западен Балкан, при што двете страни ја истакнаа важноста на економската интеграција во ЕУ, како начин за забрзување на развојот на Западен Балкан и приближување на регионот до стандардите на ЕУ. Претставниците на двете централни банки зборуваа за улогата на Европската Унија во поддршката на регионалниот развој, како финансиската, така и преку споделување искуства и знаења. Во однос на ова, вредно е да се спомене и соработката помеѓу Народната банка и централната банка на Австрија, во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ. Во изминатиот период преку проектот, експертите од Австриската централна банка ги споделија своите знаења во областа на управувањето со податоците со дел од вработените од Дирекцијата за статистика и Секторот за информатичка технологија во Народната банка. Соработката ќе придонесе за зајакнување на институционалниот капацитет и ќе биде корисна насока во преземањето натамошни чекори за спроведување на управувањето со податоците на ниво на Народната банка.

Тема на разговор беа и продуктивноста и конкурентноста, односно потребите за конвергенција на економскиот раст на Западниот Балкан кон оној на земјите од ЕУ. И покрај присутниот напредок, предизвици сѐ уште има, особено поради релативно пониското ниво на продуктивноста и бавното приближување кон развиените економии од ЕУ. Овие поместувања во продуктивноста, при истовремен динамичен раст на платите доведува до пораст на трошоците за труд и може да делува врз конкурентноста на економијата. Во овој контекст, предмет на дискусија беа движењата на пазарот на трудот и нивното влијание врз монетарната политика, како предизвик за централните банки, во време кога сѐ уште постојат ризици за инфлацијата.

Претставниците на двете централни банки изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката и поддршка во евроинтеграцискиот процес на земјава.

Можеби ќе ве интересира...

ЕБОР и донаторите помогнаа на над 18.000 домаќинства на Западен Балкан во инвестиции во енергетска ефикасност

BiznisPRO

Нова донација од ОКТА: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Велес доби соларна централа

BiznisPRO

Секоја идеја звучи лудо на почеток – Стартап-финансирање на малите бизниси во ХалкБанк 

BiznisPRO