Селин Анил Октај, директорка на Дајмонд мол: Новите ексклузивни брендови и уникатните содржини ќе бидат вистинско освежување на пазарот

 

 

За само една година бројот на посетители во молот се зголеми за 50%. Во изминатата година организиравме низа настани за различни публики, кои беа одлично посетени. Покрај тоа, тие дадоа дополнителна вредност, бидејќи им овозможија на малите бизниси да се промовираат. Ќе продолжиме во таа насока да работиме и во следниот период, а многу скоро ќе донесеме и нови брендови

 

Дајмонд мол одбележа една година од своето отворање. Дали сте задоволни и дали ги постигнавте целите?

Задоволни сме со работата и со постигнатите резултати во текот на првата година. Ништо не се случува преку ноќ или по пат на случајност и за да се постигнат добри деловни резултати, неопходни се труд и стратешки пристап. Веруваме дека со примена на овие основни состојки успеавме не само да ги постигнеме очекуваните резултати, туку и да ги надминеме, создавајќи услови за успешна иднина на трговскиот центар и безбедност на работните места на стотиците вработени во него.

Не беше лесно. Ова е конкурентен пазар, но ние сме упорни и постепено успеавме да изградиме добра имиџ и навики за купување во молот, што резултираше со пораст на посетеноста за 50% во првата година. Очекуваме дека оваа бројка ќе расте како што продолжуваме да ја развиваме и прошируваме нашата понуда на шопинг брендови, да организираме атрактивни активности и настани и како резултат на вселувањето на последните две станбени кули кои се дел од мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje, чиј дел е и Дајмонд мол.

Една од причините за позитивниот имиџ и привлечноста на трговскиот центар се многуте настани што ги организиравме во текот на годината, наменети за различни публики, како за најмладите така и за возрасни. Ова е значаен сегмент за нас бидејќи најголем дел од овие настани создаваат дополнителна вредност со тоа што на локалните мали бизниси и на уметниците им обезбедуваат можност да се промовираат. За нас тоа е важен аспект и планираме понатаму да го развиваме.

Велите дека Дајмонд мол е уникатен по својот концепт. Што го прави поразличен од другите молови?

Дајмонд мол спаѓа во категоријата на лајф-центри, што значи дека тој нуди повеќе од само шопинг. Всушност, нашиот трговски центар нуди содржини кои овозможуваат различни искуства, меѓу нив и такви што не претставуваат секојдневна потреба туку посетителите ги избираат затоа што се забавни и предизвикуваат задоволство. Ние нудиме удобност и софистициран начин на уживање во различни активности.

Па така, доаѓате во Дајмонд мол за да ја посетите Гурманската авенија кадешто има голем избор на модерниресторани, барови и кафулиња. Многу лесно можете да ја споите љубовта за шопинг со вашата желба за дружење и уживање во одлична храна. Понатаму, Дајмонд мол го има најголемиот центар за едукација и забава за деца и млади. Тој е доволна причина за посета на молот, но исто така, можете и да пазарите додека децата си играат во Зоната на соништата.

Секој од овие сегменти е сам по себе атрактивен и може да егзистира како посебна понуда, но заедно тие овозможуваат неспоредливо искуство. Дополнети со локацијата и дизајнот на молот, кој обезбедува достапност и пријатна атмосфера, Дајмонд мол навистина се одвојува по она што им го нуди на посетителите.

Од каде најчесто доаѓаат вашите посетители, дали се тоа граѓани на Скопје или има и навика во Дајмонд мол да доаѓаат и од другите градови?

Имаме посетители од Скопје, но и од други градови, дури и од други земји. Доаѓаат луѓето што живеат во близина на молот и тоа се посетителите што редовно пазарат во Дајмонд мол. Во работно време Гурманската авенија е популарно место за деловни состаноци или ручеци, а во доцните попладневни часови, тука се организираат афтер-ворк забави, особено во петоците, кога имаме и жива музика.

Бидејќи Дајмонд мол е најнов трговски центар во Скопје и има централна локација, го посетуваат и многу туристи, кои сакаат да го доживеат овој лајф-центар, а тоа е исто така и причината поради која имаме и посетители од други градови и од соседните земји. Но, тоа е причина за првата посета на молот, а откако ќе ги откријат уникатниот концепт и пријатната атмосфера, се разбира дека доаѓаат повторно сите оние што имале можност да пазарат или да уживаат во останатите активности што ги нуди Дајмонд мол.

 

Кај нас се следат модните трендови и луѓето се заинтересирани за нови брендови. Можеме ли да очекуваме некој нов бренд во Дајмонд мол?

Многу скоро. Во моментов можам само да ја потврдам оваа информација, а повеќе информации ќе дадеме во следниот период. Сигурно е дека ќе имаме нови ексклузивни брендови, од областа на модата, но и од уредувањето на домот. Ова е дел од нашата стратегија за обезбедување уникатна понуда за нашите купувачи и брендови што ќе бидат достапни единствено во Дајмонд мол. Продолжуваме да идентификуваме други можности кои ќе го збогатат искуството во Дајмонд мол и ќе привлечат што е можно повеќе посетители.

Можеби ќе ве интересира...

Народната банка е домаќин на јубилејната Десетта меѓународна конференција

BiznisPRO

Брашното во Украина поевтини

BiznisPRO

Силна профитабилност поттикната од остварувањата на извозниот пазар кои ги надминаа очекувањата, и покрај падот на меѓународните цени

BiznisPRO