Сертифицирање на 6 граѓански организации со „Ознака за доверба“

Здружението „Конект“ преку проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ посветено работи на зголемување на довербата во граѓанскиот сектор. 

Ознаката за доверба е само-регулирачки систем кој има за цел на граѓаните и компаниите да им го олесни изборот на доверливи организации во коишто можат да донираат за цели од јавен интерес. 

Ознаката се добива преку внимателно креиран процес и критериуми за транспарентност, отчетност, резултати од работењето, почитување на законската регулатива. Ознаката претставува стандард за добро работење, ја доделува независен одбор, а процесот вклучува многу детални проверки на политиките, практиките и работата на организациите. 

На форумот за филантропија 2024 беа сертифицирани 6 организации, кои под менторство на Конект ги достигнаа високите стандардите и ги исполнија критериумите за стекнување на ознаката за доверба.

Овие организации се проверени и препорачуваме да ги поддржите:

Организации на кои им се доделува Ознака за доверба од целосно ниво

  • ХОПС – Опции за здрав живот Скопје; 

Здружението ХОПС веќе 25 години активно работи на градење општество во кое на сите луѓе подеднакво ќе им се почитуваат човековите права и слободи и ќе уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба. Преку застапување, креирање, измени и носење политики во полза на корисниците на дрога и сексуалните работници, им го подобруваат животот на илјадници луѓе, со што директно допринесуваат во овозможување на едно поинклузивно општество.

  • Сојуз на извидници на Македонија; 

Сојуз на извидници на Македонија како најстара младинска организација во државава ги зајакнува и поттикнува развојот на децата и младите преку едукативни програми и активности за корисна работа во заедницата, промовирајќи вредности како што се лидерство, одговорност и тимска работа. Сојузот игра клучна улога во градење на инклузивно и активно граѓанско општество преку охрабрување на граѓанскиот ангажман и практичен активизам меѓу членовите.

  • Здружение Македонска асоцијација на земјоделски задруги; 

 

Македонска асоцијација на земјоделски задруги е столб на активното задругарство и силен двигател на промените во земјоделието преку подигање на свеста во јавноста за признавање на земјоделските задруги како единствено средство за постигнување на дополнителна продуктивност и ефикасност во земјоделскиот сектор.

  • Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“; 

Отворете ги прозорците преку асистивната технологија ги подобрува развојните, когнитивните, моторичките и академските вештини на лицата со попреченост и овозможува нивно вклучување и рамноправно учество во сите општествени текови на живеење. Преку партнерствата со локалните и националните власти, како и со бизнис заедницата, се трудат да изградат средина во која секој од свој аспект ја поддржува инклузијата преку примена на асистивна технологија.

  • Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“; 

Преку проектите кои ги реализира во партнерство со образовните институции, локални и меѓународни организации, Фондацијата „Чекор по чекор“ работи на промовирање современи и иновативни образовни пристапи насочени кон потребите на децата, подобрување на квалитетот на образованието, зголемување на можностите за образование на децата од ранливите групи и јакнење на капацитетите на родителите, воспитно-образовниот кадар и заедниците, сѐ со цел на децата да им се обезбедат подобри услови за образование, севкупен развој и благосостојба.

и организацијата на која и се доделува Ознака за доверба од основно ниво

  • Македонската Асоцијација на советници за развој на кариера АСК;

АСК е единствената професионална организација за кариерно советување во земјата, посветена на општествен развој преку работа со човечки ресурси. Нивните советници им помагаат на поединците да ги развијат своите потенцијали и на организациите да постигнат успех, залагајќи се вистинските луѓе да бидат на вистинските работни места. Веќе 14 години работат со различни, вклучително ранливи групи, за максимизирање на потенцијалот на поединците и заедниците.

Донирајте со полна доверба во овие организации и придонесете кон создавањето подобри заедници.

Активностите на Ознаката за доверба се поддржани во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ECNL), Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Северна Македонија.

Можеби ќе ве интересира...

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

BiznisPRO

Новата резолуција на Меѓународната организација на трудот за унапредување на достоинствената работа во секторот на грижа: пат кон подобра економија на грижа

BiznisPRO

OKTA: Финансиски резултати за третиот квартал/првите девет месеци од 2024

BiznisPRO