Со Законот за нефер трговски практики се штитат граѓаните од неетичко однесување на трговците и неправедно зголемување на цените

Со 82 гласа „ЗА“ завчера во Собрането беше усвоен Законот за забрана на нефер трговски практики. Со овој закон треба да се стави крај на дивеењето на цените на прехранбените производи, зеленчукот и овошјето, спречувајки го самоволието на добавувачите и трговците.

Вакво законско решение се носи за прв пат во Македонија. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи, а неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

„Со овој Предлог на Закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг.

Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.

Клучно во овој дел е поголемо приближување и воедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива на ЕУ, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.“ – соопшти завчера Министерството за економија.

Од Министерството за економија додаваат дека со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. Комисијата има за задача во првите шест месеци од стапувањето на сила на законот да ги усогласи сите нејзини акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите кои се наведени во предлог законот.

Во Законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат кој може маркетите да го бараат од производителите и добавувачите кои сега надминуваат над 30%-40% од цената.

Со Законот се штитат граѓаните од неправедно зголемување на цените
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи со овој Закон се штитат граѓаните од неетичко однесување на трговците, неправедно зголемување на цените и се заштитува нивниот животен стандард.

„-Се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи.
-Се регулираат 26 нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
-Нема да се дозволи да се користи моќта на некоја голема компанија која ќе има екстра маржа, при тоа користејќи производи на другите компании, а целиот тој товар да оди на грбот на нашите сограѓани.
-Очекуваме да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.
-Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.
-Да ја зголеми предвидливоста и сигурноста за работа и на добавувачите и на купувачите
-Република Северна Македонија е единствена земја во регионот која со овој закон се приближува кон легислативата на земјите членки на Европската Унија, бидејќи истиот е резултат на директива на ЕУ, дополнително е чекор напред кон зацврстување на компетитивноста на домашниот пазар преку креирање на предвидлива и фер бизнис клима, напиша Битиќи на Фејсбук.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10% и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.

Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија.

За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20.000 евра.

Можеби ќе ве интересира...

Audi затвора фабрика во срцето на Европа

BiznisPRO

МТСП – Следниот неработен ден е петок

BiznisPRO

Продолжуваат позитивните финансиски резултати на Реплек во првото полугодие од 2024 година

BiznisPRO