Средба на Ангеловска-Бежоска со Камер: Силниот кредибилитет на Народната банка придонесе за успешно справување со инфлацијата

Политиките коишто ги водеше и силниот кредибилитет на Народната банка придонесоа за закотвување на инфлациските очекувања и стапката на инфлација од 19,8 отсто во 2022 година, се сведе на 2,2 отсто во август годинава. Ова беше посочено од директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер, кој на маргините на Десеттата меѓународна конференција на високо ниво, во организација на Народната банка, се сретна со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Беше посочено дека еден од најважните фактори за отпорноста на централната банка е нејзината независност. Како што истакнува Камер, независноста на централните банки е витално јавно добро, коешто мора да се чува и да се зајакнува. Во оваа смисла, тој ја истакнува нашата земја како импресивен пример, нагласувајќи дека создавањето на независната Народна банка во 1992 година било клучно за намалувањето на хиперинфлацијата од раните деведесетти години, додека денеска Народната банка, според новиот индекс за независноста на централните банки на ММФ, е рангирана на многу високо ниво.

„Во услови на глобална неизвесност, централната банка има важна улога во одржувањето на макроекономската стабилност, преку мерките за справување со последователните кризи во изминатите четири години. Преку водење претпазливи, соодветни политики, инфлацијата се сведе на едноцифрени стапки, додека девизните резерви се зголемија за 40%, во однос на преткризниот период. Финансиската стабилност е задржана, банкарскиот систем е добро капитализиран и обезбедува поддршка за граѓаните и фирмите“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На средбата, високиот гостин ѝ се заблагодари на гувернерката Ангеловска-Бежоска за одличната организација на Конференцијата, на која на едно место се обединија гувернерите на централните банки, високи претставници на меѓународните финансиски институции и на меѓународната академска заедница, зборувајќи за повеќе актуелни прашања од централнобанкарската сфера.

фото НБРМ

Можеби ќе ве интересира...

Подгответе се за летно сметање на времето – наскоро стрелките одат за еден час нанапред

BiznisPRO

Во октомври 2025 година просечната месечна исплатена нето-плата изнесува 45 943 денари

BiznisPRO

Колку чини доларот, а колку еврото – Курсна листа за 9-ти јули 2025

BiznisPRO