ССК одржа Тркалезна маса на тема „ Одржлива иднина со зелени иновации- важноста на креирање на иновативни образовни центри за развивање на зелени иновациски вештини “

Настанот е дел од Проектот GREENOVET, меѓународен проект, во кој се вклучени 18 европски партнери и истиот е кофинансиран од Еразмус + Програмата на Европската Унија. На Тркалезната маса земаа учество експерти од областа, претставници на бизнис секторот, партнери во Проектот. Се обратија претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК и претседателот на Агро-бизнис комората, при ССК, Проф. д-р Орце Симов, потпретседател на ССКМ и претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија при ССК,Проф.д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет Скопје и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење и Димитар Балабурски од компанијата „Data Vision“.

Во рамките на настанот беа презентирани достигнувањата во областа и споделени искуства од страна на бизнис секторот, во насока на придобивките од воведување на зелени иновации, но и креирање на вештини за спроведување на зелените иновации. Компаниите мора да работат на развивање зелени иновации, потребно е да се фокусираат на создавање кадар, со кој ќе може да го спроведат процесот на зелена трансформација.Но, за да се овозможи создавање на стручен кадар, потребно е поврзување со образовните институции и успешно работење и создавање на образовни центри за развивање на зелени иновациски вештини. Компаниите мора да бидат активни чинители на овие процеси, да се поврзуваат со образовните институции, со цел побрзо да ги спроведуваат процесите на зелена трансформација во своите бизниси, што ќе ги направи поконкурентни и одржливи.

Според зборовите на Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, зеленото образование ќе стане секојдневие.
„Зелените иновации ќе станат нашата нова реалност, тие ќе ни станат секојдневие во следниот временски период и ние ќе мораме посериозно да се занимаваме со оваа тема од најрана возраст со образование, од основно, средно и до високошколските институции, затоа што новите системи и вештачката интелигенција ќе бараат поголеми количини на енергија која ќе треба да се обезбеди во следниот временски период.Зелените иновации ќе станат како популарни предмети. Ние мораме да бидеме многу побрзи од нашите западни партнери, доколку се фокусираме побрзо да ги работиме работите ќе имаме шанси да ги стигнеме. Ние, не знаевме енергијата да ја цениме на соодветен начин, од најмалите генерации мора да се цени енергијата, секој денар потрошен за енергија.Треба да пристапиме кон осовременување на начинот на размислување и како треба да се однесуваме “, истакна Ангелоски, во рамките на своето обраќање на Тркалезната маса.

Според потпретседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, потпретседател на ССК и претседателот на Агро-бизнис комората при ССКМ, во наредниот период ќе се зголемува потребата од стручни лица во компаниите, за да може да ги следат процесите од инвестиците во зелената трансформација.
„Потребно е да има такви технички лица кои ќе ги менаџираат системите кои функционираат во таа приватна компанија, дали ќе се работи за чистење, за следење на технички дефекти, анализа на податоци, колку се произведува, одржување на електрични возила. Се отвора еден сегмент кој ќе биде многу важен, со отворање на вакви центри за учење на вештини за зелени работни места“, вели Ѓорѓиевски.
Предностите од имплементирањето на зелените иновации за компаниите се големи.
„Компаниите треба да инвестираат во нови алатки за бизнис интелигенција, што ќе придонесе до поголема транспарентност на податоци и увид во операциите на една компанија и подетален увид во работењето на компанијата.
Постои алатка која може да ги поддржи зелените иновации, „Дата компас360“, со која компаниите од енергетското производство и производствената индустрија, можат да постигнат заштеда на трошоци, заштеда на енергија, редуцирање на отпад и оптимизација на производство, и во крајна линија влијае на одржливиот развој на една компанија.
Тоа значи дека компаниите треба да се едуцираат за сите овие напредни анлитички алатки, со цел да бидат во чекор со времети и со тоа ќе можат да станат поконкурентни“, вели Димитар Балабурски од компанијата „Data Vision“.

Според проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет Скопје и Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење, мора да се вложува во развој на зелени вештини, да се стави фокус на образовниот систем,особено оние вештини, што недостигаат на компаниите.Треба да се следи потребата од зелени технологии и променетите барања на пазарот на добра и услуги, да се утврди кои компетенции се зелени. Според професорот Поленаковиќ, преку проекти, во образованието се вложени големи средства, а следно што ќе биде предложено, ќе биде воведување на предмет за зелено образование на Педагошките факултети во Македонија, со цел да може да се придонесе, уште од мали нозе,кај младите генерации, да се работи на едукација за зелената трансформација и да расте свеста за неа.

Според зборовите на проф. д-р Орце Симов, потпреседател на ССКМ и претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија, јазот помеѓу формалното образование во однос на практичното образование, треба да се намалува со користење на центрите за извинредност и доживотно учење.„За сите процеси, првиот чекор е образованието. Зелената трансформација не е само економски тренд, туку тоа е потреба за опстанок за човештвото, затоа што човештвото е исправено пред предизвикот на климатската катастрофа. За да можеме да ги подобриме состојбите коишто водат кон овие неповолни услови потребно е да имаме свест за проблемите, а прв чекор што треба да се направи е образование.Мора да имаме кадри кои ќе бидат свесни за своите потреби и кадри кои ќе се образуваат и во формалното образование, но да има континуирано учење и луѓето да продолжат да се обучуваат и надвор од формалното образование“, вели проф. д-р Симов.
На Тркалезната маса, се обратија и претставници од банките, кои аргументираа за поддршката на банките, на проекти за зелена трансформација и иновации, условите, интересот од страна на компаниите, со став дека е зголемен интересот од страна на компаниите.

Инаку, GREENOVET ги обединува регионалните партнери во областа на стручното образование и обука на различни нивоа (средно стручно образование и високо образование), локалните компании ( малите, средни и големи претпријатија), секторските здруженија, претставниците на работодавачите, локалните власти, невладиниот сектор, како и регионалните агенции за поддршка на иновациите и иновативноста.Покрај регионалниот пристап, проектот се развива и на национално ниво со вклучување на националните министерства и општествени партнери како придружни партнери, обезбедувајќи координација и кохерентност низ различните нивоа на власт. Проектот го поттикнува развојот на стручното образование и обука (СОО) во областа на зелените иновации низ Европа, преку основање на центри за извонредност во стручното образование и обука (ЦИСОО) со што се овозможува иновативна, инклузивна и одржлива економија. Во проектот „Гриновет“ од нашата земја се вклучени Машинскиот факултет од Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, „Раде Кончар ТЕП“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“ како и уште 13 партнери од Австрија, Португалија и од Финска.

Можеби ќе ве интересира...

Ова се сите производи кои ќе бидат намалени со есенската кошничка

BiznisPRO

Владата ги укина онлајн казината во Македонија

BiznisPRO

Во Македонија има 100.000 невработени лица

BiznisPRO