Технолошките гиганти ги туркаат берзанските индекси нагоре – 82% од компаниите во S&P 500 над очекувањата

Американските берзи ја завршија минатата недела со силен раст, при што индустрискиот индекс Dow Jones порасна за 1,3%, достигнувајќи 44.901 поен. Паралелно, S&P 500 скокна за 1,5% на рекордни 6.388 поени, додека Nasdaq се искачи за 1% на 21.108 поени, поттикнат од значаен пораст на акциите на технолошките компании.

Клучна улога во овие движења одиграа позитивните квартални резултати на Alphabet, матичната компанија на Google. Тоа придонесе за скок и кај други технолошки лидери како Nvidia, Microsoft и Amazon, со оглед на оптимизмот на инвеститорите дека и тие ќе прикажат силни резултати.

Според анализите, од околу 170 компании во индексот S&P 500 што досега објавиле финансиски извештаи, дури 82% ги надминале очекувањата. Просечната добивка за вториот квартал се проценува на раст од 7,7% во однос на лани.

Но позитивниот тренд не се однесува само на Волстрит. И глобалните берзи бележат значаен раст, при што MSCI индексот на светските берзи исто така достигна највисоко ниво досега.

Пазарниот оптимизам е поттикнат од новиот трговски договор меѓу САД и Јапонија, кој обезбедува континуирана и предвидлива економска соработка меѓу двете држави. Инвеститорите се надеваат дека Вашингтон ќе постигне сличен договор и со Европската Унија, пред да стапат на сила новите тарифи од 1 август.

Во обид да се спречи понатамошна ескалација на трговските тензии, американски и кинески претставници ќе се сретнат во Стокхолм следната недела, со цел продолжување на разговорите до 12 август.

Стабилизирањето на трговските односи и охрабрувачките деловни резултати продолжуваат да влијаат позитивно врз глобалниот пазар – барем засега.

Можеби ќе ве интересира...

Дали треба да посетите менувачница? Курсна листа за 14 октомври 2024

BiznisPRO

Нови цени на горивата

BiznisPRO

Еве ја курсната листа за сабота 19.10.2024

BiznisPRO