Хартиените потврди за царински долг кои се потребни за упис и промени на правниот субјект во Централниот регистар стануваат минато. Централниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа електронски во реално време, што за фирмите и граѓаните значи заштеда на време и ресурси. Истовремено на овој начин овозможуваме безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци со што делуваме во насока на сузбивање на можни измами. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на заедничка прес-конференција со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, на којашто беше промовирана ваквата новина во работењето.
На годишно ниво се издаваа во просек од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг. Ова значеше пет до десет дена за обработка на секое барање, што за фирмите и граѓаните низ цела држава претставуваше административен товар. Сега, граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати кои ќе им ги вршат овие услуги во нивно име и за нивна сметка.
„Со овој чекор, јасно ги покажуваме нашите заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата, како едно од клучните ветувања пред бизнис заедницата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни и јасно ги демонстрираме нашите напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемената ефикасност и доверба во системот“, потенцира Николовски.
Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова вели дека успешно е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем со обезбедување на доказ за платени царински давачки по службена должност во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии за овозможување на поедноставни и поефикасни услуги. Во оваа насока продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме сите чинители во давањето на јавни услуги за бизнисите и граѓаните на меѓусебна соработка со цел имплементација на поефикасни електронски услуги, односно градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, истакна директорката на Централен регистар, Анита Стамнова.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
