Просечната цена на електричната енергија на унгарската берза ХУПЕКС во досегашниот дел од ноември е за над 116 отсто повисока од ноемврискиот просек минатата година и за над 10 отсто повисока од октомври годинава. Високите берзански цени може да создадат дополнителен притисок врз цените на електричната енергија за домаќинствата во регионот, вклучително и во Македонија.
Цената на електричната енергија на унгарската берза ХУПЕКС, која е еден од најзначајните референтни пазари за електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа, повторно бележи раст. Просечната берзанска цена за 24 ноември достигна 256,63 евра за мегават-час, што е за речиси 8 отсто повеќе во споредба со претходниот ден и за околу 5 отсто повеќе во споредба со истиот ден минатата недела.
И покрај извесното намалување на цените во втората половина од месецот, по ценовниот пик на 10 ноември, кога дневната просечна цена достигна повеќе од 400 евра за мегават-час, берзанските цени и натаму се на значително повисоко ниво во споредба со минатата година.

Просечната цена на електричната енергија во досегашниот дел од ноември изнесува околу 270 евра за мегават час, наспроти 244,43 евра во октомври и 178,73 евра во септември годинава. Тоа значи дека за само два месеца просечната берзанска цена е зголемена за над 50 отсто.
Уште поизразена е разликата во споредба со минатата година. Во ноември 2025 година просечната цена на електричната енергија на ХУПЕКС изнесувала 124,35 евра за мегават-час, односно била повеќе од двојно пониска од досегашниот ноемвриски просек годинава.
Ценовните осцилации се присутни и на другите берзи во регионот. Во текот на минатата недела на дел од регионалните пазари беше регистриран дневен раст на цените од 10 до 20 отсто, додека на германскиот пазар во еден ден беше забележан раст од над 50 отсто.
Зголемената потрошувачка на електрична енергија во текот на зимските месеци, високите цени на природниот гас, состојбата со енергетските резерви во Европа, како и променливото производство на електрична енергија од обновливи извори, се фактори кои може да придонесат за задржување на високите цени и во наредниот период.
Ваквите трендови претставуваат особено голем предизвик за земјите кои дел од потребите за електрична енергија ги обезбедуваат преку увоз или набавки на слободниот пазар.
Какви последици може да има за домаќинствата во Македонија?
Иако берзанските цени не се пресликуваат директно во цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар, нивниот континуиран раст може да има значајно влијание врз вкупните трошоци за обезбедување електрична енергија. Особено откако стапи на сила откако на сила правилото, универзалниот снабдувач односно ЕВН Хоум да добива само 70% од потребните количини од ЕСМ по регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Останатите 30% од потребите за регулираниот пазар односно за домаќинствата, ЕВН Хоум ќе треба да ги набавува на слободен пазар, по пазарни цени. Промената на регулативата е дел од реформската агенда на Владата и усогласување на законодавството со тоа на Европската унија. Оваа измена имајќи ја предвид високата цена на струјата на берзите, многу веројатно ќе има влијание и врз крајната цена за домаќинството.
Доколку трендот на високи берзански цени продолжи и во текот на зимата, обезбедувањето доволни количества електрична енергија по прифатливи цени ќе биде еден од клучните предизвици за одржување на ценовната стабилност за домаќинствата во Македонија и во регионот.
