Успешни приказни, врвни професионалци, млади лидери, размена на идеи – се одржа втората конференција „Чувари на мудроста“

Повеќе од 200 млади присуствуваа на втората конференција „Чувари на мудроста“, во организација на Халкбанк АД Скопје, на која своите искуства, совети и рецепти за успех ги споделија 14 говорници кои работат во различни области. Настанот беше вистинска платформа на која се обединија знаењето на успешните и реализирани професионалци и полетноста и амбициозноста на младите студенти и претприемачи.

На првата панел дискусија „Од личен развој до иновативно претприемиштво“ со професорот Радмил Поленаковиќ и Нина Ангеловска, пионерката во е-трговијата, заклучокот беше дека подготовката за дигиталната ера бара посветеност и континуирано учење. Практичните вештини, етичките размислувања и современите наставни методи можат да го премостат јазот помеѓу традиционалното образование и потребите на пазарот на труд кои брзо се менуваат.

Во рамките на вториот конференциски панел, насловен „Успешна бизнис приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“, Живко Мукаетов, директор на Алкалоид, и Петар Ниновски, основач на „Бреинстер“, имаа пријатна дискусија базирана на сопствените искуства. Мукаетов се осврна на професионалните предизвици во неговата 25-годишна кариера, а Ниновски нагласи дека младите треба да работат напорно, да се пробуваат, да направат грешки ако треба, но и да умеат да си простат за нив. Интегритетот, посветеноста и дисциплината се основа за долгорочен успех.

Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста, и Јасмина Поповска, професорка на Философскиот факултет, на третата панел дискусија „Без хуманистика нема иднина“ ја изненадија публиката со различната перспектива на хуманистичките науки. Панелистите истакнаа дека, водени од човековата доблест и потрагата по знаење, хуманистичките науки го ставаат акцентот на добро управување со заедницата и емпатијата во општеството, што се клучни за индивидуалната благосостојба.

И покрај поразителните бројки за волјата на младите да бидат општествено активни, граѓанскиот сектор останува силен во застапувањето на потребите на граѓаните. Неда Малеска Сачмароска од ЦУП и Ирина Јаневска од АРНО на четвртата панел дискусија насловена „Храбар граѓански сектор за квалитетни општествени промени“ ги разбија стереотипите и предрасудите преку практични примери за личните и секторски успеси, и заклучија дека останува заложбата за поголемо доближување на улогата на граѓанскиот секторот до младите и заедницата.

На панелот за архитектура под наслов „Визија за архитектура на иднината“ воден од професорот Мишко Ралев и архитектот Пако Радовановиќ, говорниците потенцираа дека оваа професија бара љубов и посветеност, како и вроден талент. Панелистите истакнаа дека архитектите мора да имаат силно чувство за естетика и осет за убавото, што е неопходно за успешно реализирање на нивните проекти.

Академик Владо Камбовски и професорот на Правниот факултет, Бобан Мисоски, разговараа за филозофското битие на правото, но и за правото како дел од секојдневието на панелот насловен „Концепт за инклузивна и одржлива правда“.  Тие се обидоа да ги мапираат клучните компетенции кои треба да ги поседуваат младите правници, и како тие да ја одржат својата мотивација за борба за правда и праведност.

На последниот панел „Личен потенцијал без бариери“ со психотерапевтите Славица Гајдаѕис Кнежевиќ и Катерина Димова се дискутираше на темата „Како да ни биде добро?“. Тие истакнаа дека често не сме свесни како да постигнеме благосостојба или да ги препознаеме причините за нашето незадоволство. На крајот закчучија дека е потребна длабока интроспекција и себеспознавање за да стигнеме до решение.

Панелистите ја посочија важноста од прилагодување на тековните трендови, придржување кон етичките стандарди и континуирано учење за успех во инженерството, бизнисот и образованието.

Присутните млади луѓе во публиката беа активни учесници во дискусиите имајќи предвид дека преку апликацијата Слајдо поставија повеќе од 180 прашања до говорниците. За најкреативното прашање во секоја сесија, следуваше вредносен ваучер.

Целта на конференцијата „Чувари на мудроста“, организирана од „Халкбанка“ АД Скопје, е да ги обедини студентите и младите претприемачи со врвни ментори и професионалци од различни  области. Оваа платформа им нуди можност од прва рака да слушнат успешни приказни и да научат вредни лекции од искуствата на луѓе кои, со својот труд и посветеност, успеале да ги надминат сите бариери и да достигнат врвови во своите кариери.

Можеби ќе ве интересира...

Young Dadi, Matej Foltz и Zee Bomb ја промовираа новата песна „Место“

BiznisPRO

Сертифицирање на 6 граѓански организации со „Ознака за доверба“

BiznisPRO

ЕБОР и донаторите помогнаа на над 18.000 домаќинства на Западен Балкан во инвестиции во енергетска ефикасност

BiznisPRO