Светски берзи: Берзата заглави по силниот раст од почетокот на годината

Измешаните податоци од извештаите на пазарот на трудот и нервозата на инвеститорите за понатамошниот раст на технолошкиот сектор ги намалија акциите на Њујоршката берза минатата недела. Индексот S&P 500 загуби 0,3 отсто, додека Nasdaq индексот на технолошки акции загуби 1,2 отсто.

Од почетокот на годината овие два показатели бележат раст од 7,4, односно 7,2 отсто.

Извештајот од пазарот на труд испрати мешани сигнали, но веројатно нема да има значително влијание врз тековните насоки на ФЕД во однос на водењето на монетарната политика. Во февруари беа додадени 275.000 нови работни места, над очекуваните 198.000, но податоците за декември и јануари беа ревидирани надолу за вкупно 167.000 од првично објавеното.

Невработеноста порасна од 3,7 на 3,9 отсто откако анкетата на домаќинствата, која се користи за стапката на невработеност, покажа пад од 184.000 вработени лица. Ова зголемување дојде и покрај фактот што стапката на учество во работната сила остана стабилна на 62,5 отсто, а за оние на возраст од 25 до 54 години таа се зголеми за 20 базични поени на 83,5 отсто.

Просечната саатница, која се следи како показател за инфлацијата, порасна помалку од очекуваното. На месечно ниво растот е 0,1 отсто наспроти консензусот од 0,2 отсто, додека на годишно ниво е 4,3 отсто наспроти консензусот од 4,4 отсто и 4,5 отсто во јануари.

Постои секоја можност дека извештајот од февруари нема да го промени ставот на ФЕД за намалување на каматните стапки. Шефот на оваа централна банка Пауел рече дека пазарот на трудот е „релативно силен“, но оти се движи кон подобра рамнотежа во споредба со времето кога за еден невработен има отворено две работни места.

Во своето сведочење пред Конгресот, тој изјави дека „предвременото“ намалување на каматните стапки може да и наштети на американската економија, додавајќи дека нема докази дека оваа економија оди кон рецесија. Пауел изјави дека монетарната политика „може да се олесни во одреден момент оваа година“, но дека на централната банка и треба „поголема доверба дека инфлацијата одржливо се движи кон нивото од два проценти“.

Од другата страна на Атлантикот, Европската централна банка (ЕЦБ) ја задржа основната каматна стапка непроменета, како што се очекуваше, но ги намали изгледите за инфлација, што го натера пазарот сега речиси подеднакво да очекува намалување на каматните стапки во јуни.

ЕЦБ очекува просечна инфлација во тековната година од 2,3 отсто во однос на претходната проекција од 2,7 отсто. Среднорочната цел на инфлацијата од два отсто треба да се постигне во 2025 година, а во 2026 година ќе се забележи пад на 1,9 отсто.

Кога станува збор за економскиот раст на овој економски и политички блок, овогодинешните изгледи се намалени од 0,8 на 0,6 отсто, откако беше забележана стагнација во четвртиот квартал. ЕЦБ очекува забрзување на растот до 1,5 отсто во 2025 година и 1,6 отсто во следната година, што е малку под прогнозите во декември.

Можеби ќе ве интересира...

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

BiznisPRO

Дали растот на Биткоин ќе ги одложи планираните намалувања на каматните стапки?

BiznisPRO

Во Македонија нема да се ограничат цените на производите, а просечната потрошувачка кошница надмина 1.000 евра

BiznisPRO