Учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од СОУ „Цар Самоил“од Ресен, под менторство на професорката Дијана Ѓоргиевска го освоија третото место на финалето на Европскиот квиз за пари 2024 година, кое се одржа на 19.4.2024 година во Брисел, Белгија, во организаација на Европската банкарска федерација (ЕБФ).
Овогодинешниот Европски квиз за пари забележа рекорден одѕив во неколку земји, при што приближно 36000 тинејџери од 2200 училишта учествуваа во националните натпревари низ Европа. Иницијативата, започната од ЕБФ во 2017 година, цели да ги подобри финансиските знаења на младите луѓе и да поттикне финансиски одговорна генерација.
Тимот од Австрија го освои првото место, додека второпласирана беше екипата од Чешка.
Квизот го тестираше знаењето на учесниците за критичните финансиски теми за тинејџерите, вклучувајќи долгорочно планирање, стратегии за штедење, разбирање на криптовалути, свесност за сајбер безбедноста и одговорно управување со кредитите. Сите прашања се усогласени со упатствата на ОЕЦД/ИНФЕ за едукација за финансиска писменост.
На натпреварот учествуваа вкупно 26 земји: Албанија, Австрија, Чешка, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Република Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија и Украина.
Вим Мијс, извршен директор на ЕБФ, рече: „Секоја година во Брисел гледаме нова генерација на млади кои се подготвени да ги совладаат финансиските вештини и да ја добијат титулата европски шампион. Развивајќи ги своите вештини со поддршка од нивните ментори, тие добиваат сериозен почеток за зрелоста. Импресивно е да се види толку многу позитивна енергија во Брисел, од година во година“.