Цената на сировото кафе ги собори сите рекорди: Арабиката најскапа во последните 47 години

 

Цената на сировото зрно од сортата на кафе арабика во средата го достигна највисокото ниво уште од 1977 година и ја забележа највисоката цена во последните 47 години, пренесуваат светските медиуми. Сортата Арабика на њујоршката берза за сировини во моментов се продава за рекордни 320,10 американски центи по фунта. Најновото поскапување е последица на лошите временски услови во Бразил, најголемиот светски произведувач на кафе, климатските промени, геополитичките предизвици, немири и логистички проблеми.

Набавните цени на суровото кафе се повеќе од дупло зголемени во последнава година.
Најновите поскапувања дополнително ја зајакнаа загриженоста околу иднината на пазарот на кафе. Колку е овој пазар вознемирен доволно говори податокот дека цената на Арабика скока поради глобалниот недостаток на залихи, додека цената на нафтата и на среброто бележи пад.

Како што е наведено на почетокот на текстот, овој скок е последица на климатските промени, продолжената суша и високите температури во Бразил. Иако неодамнешните дождови во земјата доведоа до добро цветање на кафето, аналитичарите тврдат дека постои страв дека цветовите можеби нема да се прицврстат за гранките, што би можело да доведе до голем губиток во приносот на плод во наредната сезона.

Поголемиот извоз оваа година дополнително ги намали залихите, а сезоната на послабо производство би можела значајно да ја ограничи понудата. Извозот од Бразил порасна за 8,1% во октомври, достигнувајќи 4,9 милиони вреќи кафе за тој месец.

Порастот на цената дополнително е повлијаен од геополитички фактори, политички несогласувања, немири и поскапувања на електричната енергија. Зголемување на трошоците за транспорт, вклучувајќи го и растот на цената на горивата и недостатокот на контејнери за испорака, дополнително ѝ натежнаа на крајната цена на производот. Како што светот се опоравуваше од пандемијата, потрошувачката на кафе значително растеше, посебно во развиените земји и во Азија. Растот на потрошувачката, во комбинација со намалената понуда, дополнително ги подигна цените.

Што не’ очекува во 2025 година?
Произведувачите на кафе во регионот се наоѓаат под голем притисок и во текот на оваа година беа приморани на ценовни корекции со цел да го задржат квалитетот, но и континуитетот на производство, односно несметаното снабдување на пазарот на кафе.
Со оглед на најновите случувања, експертите предвидуваат дека новите поскапувања на кафето скоро сигурно ќе пристигнат и во нашата земја. Она што е сигурно е дека цените на кафе ќе останат високи, со оглед на глобалните климатски промени кои влијаат на родот на кафето, како и растот на потрошувачката на глобално ниво. Меѓутоа, можни се и краткорочни стабилизации во зависност од економските и производните прилики.

Можеби ќе ве интересира...

Нема спас за нив, загубите се зголемуваат: Отпуштаат уште 17.000 работници

BiznisPRO

Европските берзи пораснаа осма недела по ред

BiznisPRO

Народната банка се залага за финансиска вклученост на лицата со попреченост: Подготвени се Насоки за банките и Брошура за лицата со оштетен вид

BiznisPRO