Комитетот за финансиска стабилност го усвои Годишниот извештај: Финансискиот систем е стабилен

Финансискиот систем и натаму е стабилен, додека ризиците се на умерено ниво. Ова е општиот заклучок во Годишниот извештај на Комитетот за финансиска стабилност за 2024 година, којшто Kомитетот го усвои на својата последна седница.

Во Годишниот извештaј се наведува дека домашниот финансиски систем покажува висока отпорност на шокови и успешно се справува со тековните предизвици. Во 2024 година, финансиските институции работеа во поповолно макроекономско опкружување, постигнаа солидни резултати и придонесоа кон продлабочено финансиско посредување.

Ризиците за финансиската стабилност што произлегуваат од различните сегменти на финансискиот систем се умерени, како и ризикот од „зараза“, односно прелевање на ризиците од еден во друг сегмент. Сепак, и натаму има одредени неизвесности, главно поврзани со надворешните фактори, како што се геополитичките тензии и економската фрагментација. Како мала и отворена економија, домашниот систем сѐ уште е изложен на надворешни шокови, поради што е потребна постојана претпазливост.

Во тој контекст, финансиските институции и носителите на макропрудентните политики треба внимателно да ги следат состојбите, заради одржување на финансиската стабилност. Финансиските регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите, навремена размена на информации и доколку е потребно, ќе преземат соодветни мерки во рамките на своите надлежности. Тие располагаат со доволно инструменти за зачувување на финансиската стабилност, обезбедувајќи нејзино одржување и во наредниот период.

Комитетот за финансиска стабилност е меѓуинституционално тело одговорно за спроведување на макропрудентната политика и координација при следење на системските ризици и финансиските кризи. Него го сочинуваат претставници од сите финансиски регулатори: гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Комисијата за хартии од вредност (КХВ), пет претставници од Народната банка и три од Министерството за финансии.

Можеби ќе ве интересира...

Младите започнуваат движење за интернет без омраза: Партнерство на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија 

BiznisPRO

United Group постигна договор за продажба на SBB Србија на e& PPF Telecom, како и Net TV Plus и правата за спортски преноси за Западен Балкан на Телеком Србија

BiznisPRO

Халкбанк e генерален партнер на The Founder Games – Првото реално шоу за стартапи

BiznisPRO