фото Бизниспро

Кјобе: Независноста и кредибилитетот на Народната банка се предуслов за стабилноста

„Силна институционална и оперативна независност на централната банка е суштински предуслов за стабилна монетарна политика и заштита на економската стабилност“, оцени шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за нашата земја, Анет Кјобе, во интервју за МИА. Таа истакна дека стабилната основа на која е поставена монетарната политика на Народната банка овозможува успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и контрола на инфлацијата, а овие резултати се должат на институционалната и оперативната независност на централната банка.

„Во неодамнешната мисија за процена на заштитните механизми го нагласивме доброто работење на Народната банка – нејзината независност, доброто управување, како и солидната финансиска рамка и рамката за управување со ризиците. Ова се основите врз кои се гради кредибилитетот на централната банка, што е клучот за стабилноста на цените и на девизниот курс, коишто мора да бидат заштитени“, изјави Кјобе.

ММФ исто така го истакна усогласувањето на Народната банка со највисоките меѓународни стандарди во однос на транспарентноста, отчетноста и комуникациските практики. Овие стандарди беа потврдени и со високите оценки во Извештајот за оценување според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ за 2022 година.

ММФ искажа задоволство и од пристапувањето на земјава кон Единственaтa облaст за плаќања во евра (СЕПА) од март 2025 година – значаен чекор за земја што не е членка на ЕУ. Ова членство претставува резултат на успешната регулативна и законска хармонизација, спроведена под водство на Народната банка. ММФ го оценува процесот како сложен и интензивен, со што дополнително се нагласува стратегиската посветеност на централната банка кон високи регулативни стандарди и финансиска интеграција.

„Овие реформи не само што го зголемуваат кредибилитетот на финансискиот систем, туку и ја поставуваат Северна Македонија како лидер на Западен Балкан во областа на финансиската интеграција. Членството во СЕПА ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е од особено значење за земја со високи приливи на дознаки“, додаде Кјобе.

Можеби ќе ве интересира...

Курсна листа за 20. март 2025

BiznisPRO

Најголем пад на продажбата на Мекдоналдс во последните четири години

BiznisPRO

Важна информација за граѓаните кои добија повисоки сметки за струја

BiznisPRO