„Реплек“ со раст на домашниот пазар од 20% во првиот квартал од годинава и зголемена дивиденда за 25%

Со стабилни продажни резултати и зајакната позиција на домашниот фармацевтски пазар, „Реплек АД Скопје“ ја стартува 2026 година. Во првиот квартал од годинава компанијата оствари вкупни продажби во сегментот Фармација од 7,2 милиони евра, при што домашниот пазар бележи изразен раст од 20%. На акционерското Собрание кое се одржа на почетокот на април беше донесена одлука за зголемување на дивидендата за 25%, а сите останати предложени одлуки беа едногласно усвоени, што претставува потврда за довербата на акционерите во стратегијата за управувањето со компанијата.

Од вкупните продажби, пет милиони евра се реализирани на странските пазари, додека 2,2 милиони евра се остварени на домашниот пазар. Овој значаен раст на домашниот пазар од 20% е резултат на зголемената побарувачка за дел од клучните производни линии, како и на континуираното зајакнување на пазарната позиција на компанијата, што дополнително ја потврдува довербата кај потрошувачите и партнерите.

„Остварените деловни резултати во првиот квартал ја потврдуваат стабилноста на нашето работење, при што особено нè охрабрува растот на домашниот пазар. Двоцифрената стапка на раст е резултат на континуираното унапредување на портфолиото, инвестициите во иновации, модернизацијата на производствените капацитети, како и зајакнувањето на односите со партнерите и пациентите. И натаму ќе останеме силно посветени и на странските пазари, зголемувањето на извозот и на освојувањето нови пазари. Одлуката за зголемување на дивидендата е потврда за стабилната финансиска позиција на ‚Реплек’ и на нашата посветеност кон создавање силна вредност за акционерите“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Во текот на првиот квартал дел од извозните активности се одвиваа со изменета динамика, пред сè како резултат на глобалните предизвици во синџирите на снабдување, што во комбинација со геополитичките фактори доведе до поместување на дел од планираните испораки кон почетокот на вториот квартал и беше причина за благо намалување на продажбите во странство за околу осум отсто. Притоа, побарувачката на клучните извозни пазари останува стабилна, а компанијата продолжува со реализација на договорените активности согласно утврдената динамика. Извозните пазари и натаму имаат доминантно учество од околу 75% во вкупните приходи, додека домашниот пазар учествува со приближно 25%, што обезбедува стабилност и диверзификација на приходите.

Акционерите на „Реплек“ годинава ќе добијат дивиденда во бруто износ од 500 денари по акција, што претставува зголемување за 25% во однос на претходната година и е над нивото предвидено со дивидендната политика. Оваа, заедно со сите други предложени одлуки од Управниот одбор на компанијата беа усвоени едногласно од акционерите, што е јасна потврда за нивната доверба во стратегијата и управувањето со компанијата.

Компанијата продолжува со реализација на својата стратегија за долгорочен раст и ќе остане посветена на проширување на присуството на меѓународните пазари, со зајакнување на регулаторното присуство преку нови регистрациски постапки на тие пазари. Фокус ќе биде ставен и на развој на нови производи, унапредување на производствените капацитети и континуирана модернизација, како и дигитализација и оптимизација на деловните процеси. Сите натамошни активности ќе имаат за цел да обезбедат одржлив раст на приходите и профитабилноста на среден и долг рок, како и дополнително зајакнување на конкурентската позиција на компанијата.

Можеби ќе ве интересира...

Паднаа цените на горивата – ова се новите цени

BiznisPRO

Колку ќе чинат девизите во вторник? – Курсна листа на Народната банка на Република Северна Македонија

BiznisPRO

Секоја четврта фирма не издавала фискални сметки – УЈП напиша над 2.500 казни

BiznisPRO