Народната банка донесе нови макропрудентни мерки со кои се ограничува задолжувањето на домаќинствата. Максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите се намалува од 50 на 45 проценти кај денарските кредити и од 45 на 40 проценти кај кредитите со валутна компонента.
Максималниот рок за отплата на станбен кредит се намалува од 30 на 25 години, а кај хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. За граѓаните кои првпат купуваат сопствен дом остануваат поповолните услови и можноста за рок до 30 години. Народната банка наведува дека мерките имаат превентивна цел, во услови кога станбеното кредитирање расте со годишна стапка од 16,6 проценти.
