Андоновски: На 28 октомври ја промовираме м.Услуги, државните услуги и личните документи на вашиот мобилен телефон

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во вчерашното гостување во Дневникот на МРТ1 ја најави официјалната промоција на мобилната апликација м.Услуги, која ќе се одржи на 28 октомври во Македонската филхармонија. На настанот свое обраќање ќе има и претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, кој ќе говори за насоките и приоритетите во дигитализацијата на државата.

„Промоцијата официјално можам да ја најавам на 28 октомври во Македонската филхармонија. Ќе ја промовираме мобилната апликација м.Услуги, јас ќе ги презентирам изгледот и функционалностите, а претседателот на Владата ќе говори пошироко за тоа каде се движиме во поглед на дигитализацијата“, истакна Андоновски.

Министерот посочи дека апликацијата е во финална фаза на тестирање и ќе биде достапна преку Google Play и App Store. Преку својот профил на Националниот портал за електронски услуги, uslugi.gov.mk, граѓаните ќе можат да се најават во апликацијата и да пристапат до своите податоци и функционалностите што таа ги нуди.

м.Услуги ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, а на почетокот ќе нуди и три услуги за граѓаните. Андоновски ја нагласи безбедноста на апликацијата и посочи дека нејзиното преземање ќе биде бесплатно, а користењето доброволно.

„Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилниот телефон, односно на дланка“, порача министерот.

Во рамки на понатамошниот развој на апликацијата, Андоновски информираше дека веќе се водат разговори со Министерството за здравство за податоците од м.Здравје, како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади за европската младинска картичка. Целта е м.Услуги постепено да прерасне во дигитален паричник со повеќе документи и услуги достапни на едно место.

Во однос на прифаќањето на електронските документи од институциите, министерот објасни дека тоа ќе биде постепен процес, кој ќе бара приспособување на подзаконските акти и јакнење на институционалните капацитети. Тој потсети дека и за прифаќањето на другите електронски документи биле направени измени во околу 100 закони.

„Европската унија бара задолжително користење на дигиталниот паричник од 2027 година. Кај нас нема задолжителна употреба, но во исто време ќе правиме напори институциите да започнат да ги прифаќаат електронските документи. Тоа ќе биде процес, бидејќи ќе треба да се менуваат и подзаконски акти. Чекор по чекор, како што ќе ги градиме капацитетите, така ќе се проширува и нивното прифаќање“, рече Андоновски.

Министерот истакна дека досегашните коментари се позитивни и ја потврди посветеноста на Министерството за дигитална трансформација кон развој на услуги што ќе им го олеснат секојдневието на граѓаните.

„Засега слушам само позитивни коментари, а ние ќе направиме сè што е потребно за ова да функционира во интерес на граѓаните“, заклучи Андоновски.

фото Министерство за дигитална трансформација

Можеби ќе ве интересира...

Пензиите во март ќе пораснат за уште 2.500 денари, а еве колку би се покачила минималната плата

BiznisPRO

ДОГОВОРЕНА ТЕСНА И ДИРЕКТНА СОРАБОТКА МЕЃУ ДАНОЧНИТЕ АДМИНИСТРАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА И ТУРЦИЈА

BiznisPRO

Дали е проблемот студеното време: Падна продажбата на пиво во Холандија

BiznisPRO