Гувернерот Славески учествува на Годишните средби на ММФ и СБ

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Бангкок, Тајланд. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Ана Митреска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.

Во рамките на Годишните средби, делегацијата ќе одржи состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.

Исто така, гувернерот Славески ќе има свое обраќање на настанот од високo ниво, посветен на Регионалниот економски преглед за Европа (EUR Regional Economic Outlook Dinner), во кое ќе се осврне на клучните предизвици и можности за забрзување на економскиот раст, зголемување на продуктивноста и побрза конвергенција на земјите од регионот кон Европската Унија.

Натамошното унапредување на соработката со ММФ во повеќе области од значење за монетарната политика и статистичките функции на централната банка, ќе бидат во фокусот на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.

Ќе бидат остварени средби и со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат, при што ќе се разговара за тековните активности и идните чекори за модернизација на платните системи, дигитализација на плаќањата и натамошно усогласување на националната регулатива со европската рамка.

Посебен акцент ќе биде ставен на проектот за воспоставување национален систем за инстант плаќања, заснован на моделот на системот ТИПС (TIPS) на Евросистемот. На средбата ќе бидат разгледани и активностите за унапредување на прифаќањето електронски плаќања, подготовката на национален стандард за QR-код за плаќања, натамошно усогласување на националната регулатива со законодавството на Европската Унија, како и зајакнувањето на надзорот и сајбер-безбедноста на платните системи.

Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за состојбите во глобалната економија, финансиската стабилност, монетарната и фискалната политика, развојното финансирање и предизвиците со кои се соочуваат земјите членки.

Можеби ќе ве интересира...

Интервју д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија и ЕОС Косово: Покажавме дека и во финансискиот сектор е можен успех со примена на креативни решенија

BiznisPRO

УЈП: Угостители и физички лица за претстојните празници работете согласно законите и исполнете ги даночните обврски

BiznisPRO

НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА ЗА ДЕЦАТА ОД РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ И ЗА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ – ДОНАЦИЈА ОД „SPORT LIFE”

BiznisPRO