Кога патуваш на меѓународна конференција, најмногу се учи од разговорите во кулоарите. Од Tourister Summit во Тбилиси, Грузија, каде што учествувам со излагање за развојот на туризмот и можностите што ги нудат азиските пазари, се враќам со една силна порака: светот не чека никого.
Азиските пазари растат, патниците стануваат сè поискусни, а конкуренцијата меѓу дестинациите е огромна. Грузија, како и други дестинации од нашиот регион, јасно знае кого сака да привлече, со каква приказна и преку кои канали. Токму тоа е лекцијата за нас: не е доволно да имаме убава земја, треба да имаме јасна позиционираност и подготвен производ.
Азискиот турист е навикнат на добро организиран систем. Очекува јасни информации, лесна поврзаност, уредени дестинации и услуга без изненадувања. Ако првото искуство не е позитивно, втора шанса нема – ниту ќе се врати, ниту ќе не препорача.
Но, додека зборуваме за глобалните можности, не смееме да ги заборавиме предизвиците дома. Недоволната поврзаност со авио линии, недоволната промоција, непрепознатливиот бренд на земјата, недостигот од кадар и инфраструктурата на многу локации сè уште се слабости што мораме да ги надминеме. Не можеме да привлекуваме нови пазари ако не сме подготвени да ги пречекаме странските туристи.
Затоа, патот напред е јасен: заедничка стратегија меѓу државата и приватниот сектор, континуирана промоција на избрани пазари, инвестиција во луѓето и во квалитетот на услугата, и приказна за Македонија што е автентична, а не копија на другите.
Туризмот е маратон, не спринт. Нашата шанса е во тоа да научиме од добрите примери, да се поврземе со светот и да му покажеме на секој гостин зошто вреди да дојде, и зошто ќе посака да се врати.
