Димитриеска-Кочоска на одбележување 20 години Дирекција за големи даночни обврзници: Модернизацијата на даночниот систем значи поефикасни институции и подобри услуги за компаниите

Дирекцијата за големи даночни обврзници, основана пред 20 години како крупна реформа во даночната администрација, денес има значајна улога во даночниот систем на државата. Големите даночни обврзници учествуваат со над 40% во остварените даночни приходи, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска во денешното обраќање на настанот по повод одбележување 20 години од основање на Дирекцијата за големи даночни обврзници во рамки на Управата за јавни приходи.

Како што потенцираше министерката, воспоставувањето на Дирекцијата пред две децении претставувало значајна реформа во Управата за јавни приходи, која донела големи придобивки за институцијата, но уште позначајно за компаниите кои ги користат нејзините услуги.

Специјализираниот пристап кон најголемите даночни обврзници овозможува непосреден и континуиран контакт со компаниите, подобро разбирање на нивното работење, навремена комуникација и поефикасно управување со даночните обврски.

„Компаниите кои ги опфаќа се меѓу најзначајните носители на економската активност во земјата, компании кои инвестираат, вработуваат, создаваат додадена вредност и имаат значајно учество во полнењето на Буџетот.“ нагласи министерката.
Министерката истакна дека начинот на кој функционира Дирекцијата е важен не само за Управата за јавни приходи, туку и за целокупната економија. Од една страна, нејзината задача е да обезбеди ефикасна и навремена наплата на јавните приходи и доследна примена на даночните правила, а од друга страна, подеднакво важно е да обезбеди професионален однос, јасна комуникација и предвидливо деловно опкружување за компаниите.

„Стабилен и предвидлив даночен систем е важен предуслов за компаниите при носењето долгорочни одлуки за инвестиции, нови вработувања, проширување на производството и развој на нивното работење. Создавањето услови за реализација на приватните инвестиции е од особено значење за постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст“ кажа министерката во своето обраќање.
На одбележувањето беше истакнато и дека 20-годишниот јубилеј е можност да се согледаат постигнатите резултати, но и да се постават насоките за понатамошно унапредување на даночниот систем. Условите во кои работат компаниите постојано се менуваат, особено во услови на забрзан технолошки развој, поради што и институциите треба да ги следат овие промени и да обезбедуваат современи и ефикасни услуги.

Во таа насока, како значаен чекор е министерката го истакна проектот Е-фактура, кој започна да се спроведува во Управата за јавни приходи и претставува важен дел од дигиталната трансформација на јавните финансии.

„Проектот ќе придонесе за поедноставување и забрзување на процесите, намалување на административниот товар и поголема сигурност, следливост и ефикасност во работењето“ потенцираше министерката.

Посочи дека за Министерството за финансии и Управата за јавни приходи особено значајна е предвидливоста на даночната политика и создавањето стабилно деловно опкружување и се осврна и на обезбедените средства од унгарската Експорт-импорт банка, кои се пласираат во македонската економија под поволни услови и кои ги охрабрија компаниите да влезат во значаен инвестициски циклус од близу 300 милиони евра.

„Министерството за финансии продолжува и со унапредување на даночната регулатива и нејзино усогласување со меѓународните и европските даночни стандарди. Во таа насока е и усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, како значаен чекор кон усогласување на домашното даночно законодавство со современите меѓународни правила. Министерството за финансии работи и на измени и дополнувања на Законот за даночна постапка во однос на воведување жалбена постапка како правен лек против секој управен акт„ кажа министеркаа и додаде дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар, туку градење поефикасни и посовремени институции кои ќе бидат во функција и на граѓаните и на бизнисот.

„Сепак, сметам дека најважната порака што сакам да ја нагласам на овој настан и пред вас е дека модернизацијата на даночниот систем не значи зголемување на даночниот товар. Остануваме на концептот на рамен данок, кој обезбедува предвидливост за компаниите и создава стабилна основа за планирање на инвестициите и развојот. Остануваме посветени на градењето институции кои ќе бидат во функција на граѓаните и бизнисот.“ кажа Димитриеска -Кочоска.

фото: Министерството за финансии на Република Северна Македонија

Можеби ќе ве интересира...

„Мириса на дома” – Кампања која го слави македонското гастрономско наследство, традицијата и уметноста

BiznisPRO

МФ: Водиме кредибилни и конзистентни макроекономски политики, потврден кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед од „Фич“

BiznisPRO

М6 Едукативен центар стартува со сопствен поткаст – во првата епизода инспиративна дискусија со Светозар Јаневски за „Културата на лидерите – Клучот во управувањето со луѓето“

BiznisPRO