Димитриеска Кочоска: Законски измени за зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва

Министерството за финансии работи на измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти.

Се работи на Законски измени кои предвидуваат воведување на задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и слично. Дополнително, се зајакнува контролата при отворање на нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со утврдени критериуми за условите на работење.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, со што кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интерву за Телма Телевизија истакна дека измените се резултат на засилени контроли и утврдени недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.

“Имаме законски измени кои што ги подготвуваме во периодот што следи. По спроведените контроли утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива кои оставаат простор за различни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот“,кажа министерката.

Како што појасни министерката, досегашните контроли резултирале со утврдени неправилности, а во одредени случаи биле преземени и мерки како одземање на лиценца. Дел од постапките се иницирани и по пријави од граѓани, кои, како што нагласи министерката, имаат значајна улога во откривањето на неправилности.

Со овие измени според Димитриеска-Кочоска се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва во земјата.

Можеби ќе ве интересира...

Народната банка е насочена кон зајакнување на регулаторните, известувачките и супервизорските практики во управувањето со климатските ризици

BiznisPRO

Кога ќе има следно зголемување на пензиите?

BiznisPRO

Доаѓаат повеќе пари за пензионерите, покачување од 2.500 денари – но што со работниците?

BiznisPRO