ЕП усвои планови за намалување на емисиите и потрошувачката на енергија во зградите

Од 2030 година сите нови згради во земјите на Европската унија треба да имаат нула емисија на гасови, а до 2040 година треба постепено да ги отстрануваат фосилните горива од системот за греење и ладење, според плановите што денеска ги усвоија пратениците во Европскиот парламент.

Предложената ревизија на Директивата за енергетските перформанси на зградите има за цел значително да ги намали емисиите на стакленички гасови и потрошувачката на енергија во градежниот сектор на ЕУ и да го направи секторот климатски неутрален до 2050 година.

Рокот за постигнување на нула емисии за објекти кои се користат или во сопственост на државни органи е 2028 година, додека земјоделските објекти и објектите од културното наследство ќе бидат изземени од новите правила.

При пресметувањето на емисиите, потенцијалот за глобално затоплување се зема предвид во текот на животниот циклус на зградата, вклучувајќи го и производството и отстранувањето на градежните производи што се користат при нивната изградба.

Кога станува збор за станбените згради, земјите-членки ќе треба да воведат мерки за да се осигура дека просечната потрошувачка на енергија во зградите ќе се намали за најмалку 16 отсто до 2030 година, а за најмалку 20 до 22 отсто од зградите до 2035 година.

Според новата директива, земјите од ЕУ ќе треба да реновираат 16 отсто од најмалку енергетски ефикасните нестанбени згради до 2030 година и 26 отсто до 2033 година.

Исто така, доколку тоа е технички и економски возможно, членовите треба постепено да поставуваат соларни инсталации на јавни и нестанбени згради, во зависност од нивната големина, како и на сите нови станбени згради до 2030 година.

„Земјите-членки мора да усвојат мерки за декарбонизација на системот за греење, со цел постепено напуштање на фосилните горива во греењето и ладењето до 2040 година“, се наведува во соопштението на ЕП.

Се додава дека од 2025 година, субвенциите за самостојни котли на фосилни горива ќе бидат забранети, додека финансиски стимулации сè уште ќе бидат можни за хибридните системи за греење кои користат значителен дел од обновливата енергија, како што се топлинските пумпи.

Според податоците на Европската комисија, зградите во ЕУ предизвикуваат 40 отсто од потрошувачката на енергија и 36 отсто од емисиите на стакленички гасови.

Можеби ќе ве интересира...

Цената на вашата омилена храна вртоглаво расте

BiznisPRO

Ако планиравте да купите нов автомобил сега, размислете два пати: Сега има чипови, а купувачи нема: Почна намалувањето на цените на новите автомобили

BiznisPRO

Секој трет Германец престанува да вози автомобил, некои дури и крадат гориво

BiznisPRO