Европската унија се подготвува да воведе царини за увоз на жито од Русија и Белорусија, со цел да се реши загриженоста на земјоделците кои протестираат во неколку земји-членки на блокот.
Се очекува во наредните денови Европската комисија да воведе царина од 95 евра за тон жито од Русија и Белорусија, додека царини од 50 отсто ќе бидат воведени за маслодајните семиња и нивните производи, објави Фајненшл тајмс.
Ваквата одлука се очекува во време кога земјоделците ширум ЕУ демонстрираат против Европскиот зелен пакт, кој има за цел да ги ублажи климатските промени, со барање повторно да се воведат царините за увоз на украински земјоделски производи, кои Брисел ги укина по почетокот на руската инвазија на Киев.
Како и поголемиот дел од Европа, Полска, исто така, беше зафатена од протести во последните недели, при што земјоделците ги блокираа главните патишта на земјата и граничните премини со Украина.
По разговорите со полскиот премиер Доналд Туск минатата недела, полските земјоделски организации најавија дополнителни протести против земјоделската политика на ЕУ и увозот на земјоделски производи од Украина за среда, 20 март.
Зелениот план на ЕУ има за цел да постигне климатска неутралност до 2050 година. Стратегијата вклучува мерки во различни области како што се енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.