ПРОМО

Клучните чинители од екосистемот за дигитализација повикаа на забрзување на дигиталната трансформација на приватниот сектор

Претставници на институции, бизнис-заедницата, финансискиот сектор, организациите за поддршка на бизнисот и експерти за дигитална трансформација учествуваа на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, која се одржа во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје. Настанот беше организиран во соработка со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ за да се поттикне дијалог за забрзување на дигиталната трансформација и зголемување на конкурентноста на домашните компании.

Во воведните обраќања, проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Н.Е. Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, ја истакнаа важноста на партнерствата меѓу институциите, академијата и приватниот сектор за создавање услови за одржлива дигитална трансформација.

Настанот потврди дека дигитализацијата претставува клучен предуслов за понатамошен развој и конкурентност на македонската економија и дека соработката меѓу институциите, приватниот сектор и организациите за поддршка на бизнисот е неопходна за побрзо усвојување на дигиталните технологии и иновациите.

На панел-дискусијата учествуваа Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ, Јордан Димитровски, претседател на МАСИТ, проф. д-р Никица Мојсовска-Блажевски, главен извршен директор на ГоДигитал и проф. д-р Ефимија Димовска, главен извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија. Дискусијата ја модерираше Горан Дамовски, директор на Швајцарската програма ИМЕ.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пред настанот, објасни дека панел дискусијата овозможи дискусија за можностите што ги нудат дигиталните иновации во развој на малите и средните претпријатија. „Владата го кофинансира овој проект со 60 милиони денари во однос на организација на обуки, за тестирање пилот проекти, за создавање планови за дигитална трансформација на малите и средните претпријатија. Ова е начин на кој Владата ќе го поддржува приватниот сектор. Важно е секоја компанија да го помине овој процес, каде ИНОФЕИТ ЕДИХ се појавува како фактор кој ги поврзува компаниите со можностите за финансирање на процесот“.

Според H. E. Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија, малите земји, како Швајцарија и Северна Македонија, не можат да си дозволат да заостанат зад големите технолошки и економски промени.

„Конкурентноста, пред сѐ, зависи од способноста за приспособување, иновации и интеграција на глобалните пазари. Северна Македонија изгради силен ИКТ сектор со значајна експертиза и талент, кој може да одигра клучна улога во дигитализацијата на другите сектори на економијата. Надградувањето врз оваа предност ќе биде од суштинско значење за забрзување на дигиталната трансформација низ целата економија. Преку програмата за Зголемување на пазарната вработливост (IME) имаме партнерски односи со сите институции и организации учесници на денешниот панел во насока на градење на еко системот за забрзана дигитална трансформација со цел преку иновации и технолошка надградба да се подобри конкурентноста на компаниите од Северна Македонија“, рече амбасадорот Зомер.

Предизвиците со дигиталната трансформација се присутни низ цела Европа. Анализите на ИНОФЕИТ ЕДИХ укажуваат дека нивото на дигитализација на компаниите во Македонија е пониско во споредба со европското, објаснува проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ и координатор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.

„Ова ја нагласува потребата од забрзана и координирана поддршка за приватниот сектор. Европските дигитални иновациски хабови се воспоставени да помогнат компаниите да ги препознаат можностите за дигитализација, да ги тестираат решенијата пред да инвестираат и да развијат вештини за нивна примена“, вели Ташковски.

Според него, досегашно искуство покажува дека е неопходна соработка меѓу сите чинители во екосистемот. „На компаниите им е потребна поврзана поддршка: од идентификување на потребите и изработка на патоказ за дигитална трансформација до развој и тестирање на пилот-решение и обезбедување финансии за неговата примена. Преку ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се обезбедени околу 40 услуги за тестирање пред инвестирање. Особено радува што компаниите доаѓаат со сè повеќе иновативни идеи. Со заедничка поддршка, тие идеи можат да прераснат во конкретни решенија за попродуктивно и поконкурентно работење“, изјави Ташковски.

фото Chapter4/PR