Во рамки на меѓународната конференција DIM-ESEE 2026 – Развој и иновации во искористувањето на минералните ресурси во Источна и Југоисточна Европа, која се одржа од 21 до 23 октомври 2026 година во Загреб, Република Хрватска, државниот советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Филип Петровски, учествуваше како презентер и панелист, претставувајќи ги стратешките приоритети и реформските активности на Министерството во областа на геологијата и рударството.
Во рамки на тематската сесија посветена на националните стратегии за управување со минералните ресурси, Петровски ја презентираше Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини на Република Северна Македонија за периодот 2026–2046 година. Презентацијата беше посветена на минералниот потенцијал на државата, долгорочните развојни цели, модернизацијата и дигитализацијата на геолошките податоци, подобрувањето на инвестициската клима и одржливото управување со минералните ресурси, со примена на современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина.
Петровски учествуваше и на панел-дискусијата „Геополитичкото и геоекономското значење на Југоисточна Европа – можности и пречки“, на која се дискутираше за геостратешкото значење на минералните ресурси, регионалната соработка и улогата на Југоисточна Европа во обезбедувањето критични минерални суровини за потребите на европската енергетска и индустриска транзиција.
Меѓу позначајните резултати од учеството на конференцијата е воспоставувањето основа за институционална соработка во областа на геотермалните ресурси. На билатералната средба со деканот на Рударско-геолошко-нафтениот факултет при Универзитетот во Загреб, проф. д-р Боривоје Пашиќ, беше постигнат договор за воспоставување соработка и заедничка подготовка на проектна апликација во рамки на европската програма „Хоризонт Европа“, насочена кон истражување и развој на геотермалните ресурси.
Во текот на конференцијата беа остварени и повеќе работни средби со претставници на државни институции, универзитети, геолошки служби и компании од регионот и Европа. Разменетите искуства и добри практики, особено во делот на законодавството и управувањето со минералните ресурси, се значајни и за тековните активности на Министерството за подготовка на новиот Закон за рударство и новиот Закон за геологија, во насока на усогласување со европските стандарди и обезбедување одржлив развој на секторот.
Учеството на DIM-ESEE 2026 претставува дел од континуираните активности на Министерството за јакнење на меѓународната соработка, промоција на националниот минерален потенцијал и воспоставување нови партнерства, во функција на реализација на стратешките цели за модерен, конкурентен и одржлив рударски сектор.
