На економијата и’ треба итна поддршка

И директните средби со компаниите, кои Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) интензивно ги имаше деновиве, покажуваат дека енергетската криза има силно влијание врз конкурентноста на македонската економија и со тоа компаниите тешко ја одржуваат ценовната ликвидност на своите производи и услуги на странските, но и на домашниот пазар.

За да се одржат домашната економија и конкурентноста на домашните производи и услуги, и дома и во странство, но и за да ги зачуваат работните места, компаниите ја очекуваат поддршката од Владата на РСМ, која беше ветена, бидејќи бизнисите претрпеа финансиска штета плаќајќи сметки за струја некаде и до 6-пати повисоки од минатогодишните.

На компаниите им е потребна извесност и предвидливост, а таа може во овие услови да се обезбеди со неколку работи. Не треба да не залажува моменталната цена на струјата на берзите бидејќи ниедна од причините за нејзин раст во иднина не е елиминирана.

1. Нашите согледувања се дека државата има тесен маневарски простор за финансиска поддршка на околу 1600 компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија и затоа предлагаме да се разгледа можноста тие средства да се обезбедат преку намалување на непродуктивните трошоци во буџетот. Тие непродуктивни трошоци можат да се пренаменат за поддршка на компаниите, за зачувување на работните места и за зачувување на нивната конкурентоност на регионалните пазари.

2. Потребно е откочување на голем број закони кои се во собраниска процедура, а кои се од интерес за бизнисот и кои можат да ги намалат негативните последици од енергетската криза врз компаниите, како на пример предлог-законот за гаранција на РСМ на обврските по договорот за заем за финансирање на проектот за поддршка на ликвидноста на АД „ЕСМ“ Скопје во услови на енергетска криза, кој треба да се склучи меѓу ЕБОР и ЕСМ (заем во износ до 100 милиони евра); предлог-законот за градење со кој треба да се олеснат постапките за добивање одобрение за градење фотоволтаични централи; Законот за управување со отпад, со цел користење алтернативни извори на енергија, но и Конвенцијата ПЕМ, која е потребно да ја ратификува нашето Собрание бидејќи е од особено значење за бизнис-заедницата. Таа ќе им овозможи на компаниите да ги користат привилегиите од ревидираната Конвенција ПЕМ за извоз на пазарите на ЦЕФТА, каде што, меѓу другото, се укинува забраната за враќање на царината за суровини без потекло, со што им се намалуваат трошоците на извозниците, кои би станале поконкурентни на пазарите во регионот. Во услови кога стопанството се соочува со негативните последици од зголемените цени на енергенсите, секоја активност што придонесува за намалување на трошоците на нашите извозници е од особено значење.

3. Потребно е одложување на примената на прогресивното оданочување, кое, во согласност со актуелната даночна регулатива, треба да стапи на сила од 1.1.2023 година.

4. СКСМ уште еднаш укажува на тоа да се изнајдат механизми за забрзано носење на подзаконските и на другите акти потребни за користење на енергијата во систем од веќе изградените фотоволтаични централи, која сега се употребува само за сопствени потреби.

5. На крајот СКСМ инсистира Уставниот суд да ја изврши својата функција и да ја оцени уставноста на Законот за работни односи до делот на недела неработен ден, бидејќи се наоѓаме во сосема други услови од времето кога е донесен законот.

Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најбројна бизнис-заедница, и натаму останува доследна на својата определба да им помогне на компаниите на слободниот пазар на електрична енергија, со кои ја делиме судбината од почетокот на енергетската криза. Комората и натаму ќе биде во дневен контакт со нив, ќе предлага решенија и ќе биде активна и кооперативна за да се дојде до решение, бидејќи е убедена дека тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава.

Можеби ќе ве интересира...

МТЕЛ ја претставува MOVE TV: Врвна стриминг-платформа со разновидни содржини и практични опции

BiznisPRO

Добра вест: Повторно поевтинуваат горивата

BiznisPRO

РКЕ СО ОДЛУКА: Поевтинуваат горивата

BiznisPRO