фото Бизниспро

Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика – Каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити се непроменети

На 11 март 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, коишто и натаму постојат и се нагласени. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката беше ставен на остварувањата кај инфлацијата и на ризиците поврзани со надворешното окружување и со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка. Во услови на нестабилен геополитички амбиент и воведување протекционистички мерки, забележлива е и зголемена променливост на пазарите на примарни производи.

Просечната инфлација, во периодот јануари − февруари 2025 година, изнесува 5%, при пониска споредбена основа од истиот период од претходната година, но и при натамошен умерен раст на дел од ценовните категории на месечна основа. Месечната динамика на инфлацијата од почетокот на годината главно произлегува од цените на храната и енергетската компонента, додека базичната инфлација има неутрален придонес. Воедно, и годишната динамика на базичната инфлација е релативно стабилна, при што во февруари беше забележано и одредено забавување. Во однос на инфлациските очекувања, во рамките на февруарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за посилно намалување на цените во следниот период. Последните проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што упатува на ризици и потреба за внимателност.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви, на крајот на февруари, изнесува 4.861,3 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Промената кај девизните резерви од почетокот на годината е близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2025 година засега е малку понизок во споредба со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со февруари 2025 година упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2024 година е незначително повисок од очекувањата во согласност со октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи во однос на очекувањата, особено кај директните инвестиции.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., под влијание на согледувањата за движењето на инфлацијата и силината на преносот на монетарните сигнали во еврозоната.

Економскиот раст, во последниот квартал на 2024 година, благо забрза и достигна 3,2%, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Просечниот раст остварен за целата 2024 година изнесува 2,8% и е повисок од очекувањата, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто и натаму се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.

Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму постојат и добиваат на интензитет, додека внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.

Можеби ќе ве интересира...

БАРААТ СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ: Германците молат за овие 4 „женски“ занимања, но никаде ги нема

BiznisPRO

Средба со претставници на Светскиот совет на кредитните унии: Народната банка и натаму ќе биде насочена кон јакнење на отпорноста на финансиските институции

BiznisPRO

Маркетите ќе мора да ги објавуваат цените на производите на интернет на дневна основ – Донесени измени на Законот за заштита на потрошувачите

BiznisPRO