Раст на индексите на светските берзи: Се очекува пад на каматните стапки

На светските берзи цените на акциите значително пораснаа минатата недела, па многу берзански индекси достигнаа рекордно ниво, бидејќи инвеститорите веруваат дека централните банки на западните земји наскоро ќе започнат циклус на намалување на каматите.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 2 отсто, на 39.475 поени, додека S&P 500 скокна за 2,3 отсто, на 5.234 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,9 отсто, на 16.428 поени.

Во фокусот на инвеститорите беше минатонеделната средба на лидерите на американската централна банка. Очекувано, тие ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто.

Но, инвеститорите беа охрабрени од потврдата на претходната проценка на шефот на ФЕД дека би можеле да ги намалат каматните стапки три пати оваа година, и покрај зголемената инфлација во САД во јануари и февруари.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел го потврди ова на прес-конференцијата.

Растот на инфлацијата во првите два месеци „не ја промени целокупната слика, а тоа е дека инфлацијата, иако со пречки на патот, постепено се спушта кон целното ниво од 2 отсто“, посочи Пауел.

Тоа ги охрабри инвеститорите кои стравуваа дека ФЕД ќе го одложи намалувањето на каматните стапки поради зголемената инфлација.

Објавени се и нови прогнози на шефот на ФЕД, при што ја зголемија проценката за економскиот раст годинава од претходните 1,4 на 2,1 отсто.

Пазарот на пари на почетокот на минатата недела процени дека има 56 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во јуни, но по состанокот на ФЕД, тие шанси се искачија на повеќе од 70 отсто.

Во четвртокот инвеститорите беа пријатно изненадени од швајцарската централна банка, која неочекувано ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на 1,5 отсто.

Можеби ќе ве интересира...

Пад на азиските берзи, доларот е на највисоко ниво во последните пет месеци

BiznisPRO

Какаото стана поскапо од бакарот

BiznisPRO

ЦЕНАТА МИРУВА: Нафтата остана под 84 долари на светскиот пазар

BiznisPRO