Расте интересот за сметководството: ИСОС со нови иницијативи за младите

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) изминатиот период спроведе низа активности за подигнување на атрактивноста на сметководствената професија и нејзина промоција меѓу студентите и средношколците.
ИСОС го поддржа студентскиот проект кој беше инициран по Втората регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, за отпочнување на видео подкаст „Повеќе од само бројки – Сè што сте сакале да знаете за сметководствената професија“. Подкастот е воден од студенти, а во првата епизода, која се емитува денеска, гостинка е претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

„Особено задоволство ми претставува што младите и студентите се инспирираа на Втората регионална конференција која се одржа минатата година, а на која на една од панел-дискусиите учествуваа и студенти. Тие потоа пристапија до Институтот со идеја за иницирање на видео подкаст, со цел да се приближи сметководствената професија до студентите и младите. Ова е само една од активностите кои ги реализираме. Започнуваме и соработка со сите универзитети кои имаат катедри за сметководство и ревизија, како и стручните средни училишта кои имаа економски насоки. Посебно ме радува статистиката која ја добивме од катедрите за сметководство и ревизија дека се бележи зголемување на бројот на студенти на тие катедри, споредено со минатата година. Овој податок многу нè охрабрува и ни покажува дека се движиме во вистински правец, а дополнително ни дава мотивација за поддршка и иницирање на различни проекти на студентите и средношколците“, потенцира Прентоска.

ИСОС потпиша и меморандуми за соработка со средните училишта „Васил Антевски-Дрен“ и „Кочо Рацин“, со што за прв пат во активностите на Институтот се вклучуваат и средношколците кои учат на економските насоки. Меморандумите опфаќаат овозможување на практична работа, кариерно советување на средношколците и развој на заеднички проекти за унапредување на квалитетот на стручното образование.

Исто така, ИСОС потпиша Меморандум за соработка и со Меѓународниот Балкански Универзитет од Скопје и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кои се фокусирани на заеднички проекти за иновации и дигитализација, програми за обуки, како и практикантска работа на студентите.

Во рамки на меморандумот за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, претседателката на ИСОС Прентоска одржа и гостинско предавање на студентите од катедрата за сметководство и ревизија.

„Почестена сум што Универзитетот ме покани да одржам гостинско предавање и навистина е особено значаен интересот и ентузијазмот кај студентите за сметководствената професија. Немам сомнеж дека професијата ќе добие нови кадри кои во комбинација со учењето од искусните професионалци и вештините за технолошки развој ќе го унапредат квалитетот на професијата. Тоа, пак, директно ќе се одрази врз бизнис заедницата и државата, преку подигнување на стандардите и довербата во финансиското известување“, истакна Прентоска.
Институтот веќе има потпишано и меморандум за соработка и активно соработува со Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како и со Американскиот Универзитет на Европа – ФОН. Во наредниот период активностите поврзани со промоција и вклучување на средношколците, студентите и младите професионалци ќе продолжат, со цел натамошно зголемување на атрактивноста на сметководствената професија.

Можеби ќе ве интересира...

Биткоинот руши рекорди: За прв пат над 120.000 долари, индустријата во очекување на историски пресврт

BiznisPRO

Строги правила и јасни процедури: Министерството за енергетика започна процес за усогласување на Законот за возила со европските правила

BiznisPRO

Објавена листа на должници со имиња на фирми и луѓе – кој колку должи за данок кон државата?

BiznisPRO