Регионалната соработка во фокус: Делегација на УЈП во работна посета на Даночната управа на Црна Гора

Делегација од Управата за јавни приходи предводена од директорката м-р Елена Петрова, оствари работна посета на Даночната управа на Црна Гора, со цел размена на искуства и зајакнување на регионалната соработка во процесот на модернизација на даночните администрации.

Во текот на средбата, претставниците на двете институции разговараа за клучни прашања кои се од важност на современите даночни администрации, вклучувајќи ја дигитализацијата на деловните процеси, унапредувањето на електронските услуги за даночните обврзници и управувањето со даночните ризици.

Посебен акцент беше ставен на искуствата поврзани со е-фискализацијата, како важна алатка за зголемување на транспарентноста и ефикасноста на даночните системи во регионот.

Во рамки на посетата, претставниците на Даночната управа на Црна Гора ги презентираа искуствата од воведувањето на Интегрираниот систем за управување со приходи (IRMS), кој е во примена од почетокот на оваа година. Се разговараше за предизвиците во процесот на имплементација, начините на нивно надминување, како и за постигнатите резултати во унапредувањето на даночната администрација.

Делегацијата на УЈП изрази особен интерес за оваа област, нагласувајќи дека размената на практични искуства со институции кои успешно спровеле слични процеси претставува значаен извор на знаење и поддршка за понатамошниот развој на даночната администрација.

Двете институции ја потврдија важноста на ваквата регионална соработка како двигател на реформските процеси и се согласија дека директната размена на знаења, искуства и добри практики придонесува за поефикасни решенија и побрзо постигнување на резултати. Беше изразена подготвеност соработката да продолжи и во иднина преку конкретни форми на стручна и институционална размена.

Можеби ќе ве интересира...

ОКТА: Финансиски резултати за четвртиот квартал/12 месеци од 2024 година

BiznisPRO

Грејната сезона почнува на 15-ти октомври 2024

BiznisPRO

Откако илјадници семејства се снабдија со инвертери, цените на пелетите паднаа од 190 до 230 денари за вреќа со се достава

BiznisPRO