Регионалниот фонд за предизвици додели 2,72 милиони за шест македонски проекти за унапредување на стручното образование

Шест најуспешни проекти од Северна Македонија се предложени за финансирање во вториот повик на Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ), со што се издвојуваат приближно 2,27 милиони евра за инвестиции во опрема, инфраструкура и спроведување на дуално образование или кооперативна обука во установи за стручно образование и обука.

Регионалниот фонд за предизвици го организираше вториот национален настан за доделување грантови во Северна Македонија, ги сподели резултатите од вториот повик и ги додели грантовите на победничките конзорциуми. Вториот круг апликации привлече 123 Изјави на интерес од Западен Балкан 6. Од овој број, 23 беа од Северна Македонија. Со одлука на Одборот за селекција, беше предложено финансирање на 6 најуспешни проекти од Северна Македонија со околу 2,72 милиони евра, наменети за инвестиции во опрема, инфраструктура и спроведување на дуално образование или кооперативна обука во установи за стручно образование и обука.

Грантовите беа доделени на конзорциуми предводени од СОУ „Гоце Делчев“ Валандово, СЕТУГС „Михајло Пупин“ Скопје, СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршки факултет, Скопје (Универзитет Св. „Кирил и Методиј“), Машински факултет, Скопје (Универзитет Св. „Кирил и Методиј“), и Општинското средно техничко училиште „Гостивар“, со вкупен износ од 2,27 милиони евра.

Доделувањето на наградите се одржа во просториите на Стопанската комора во Скопје, во присуство на претставниците од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (ЗБ6-КИФ), германската амбасада, Германската развојна банка KfW, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Министерството за образование и наука, Регионалниот фонд за предизвици и наградените конзорциуми од Северна Македонија.

Г-ин Антони Пешев, извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, ги истакнува напорите и вклученоста на Комората да го реши проблемот со недостигот на стручен кадар со практично искуство. Побараа реформи во образованието со практична обука на учениците во компании и дуално образование, што го сметаат за најефикасен модел за обезбедување стручен кадар. Пешев, исто така, ја нагласува важноста на врската помеѓу бизнисот и образованието во смисла на спроведување практична обука, креирање релевантна политика за упис и воведување нови квалификации и вештини. Тој повикува на реформи во високото образование, вклучително и практична обука на студентите за стекнување вештини во текот на студентската година, креирање програми засновани на деловни потреби и континуирано подобрување на вештините на кадарот преку доживотното учење. Дополнително, нагласува дека од образованието доаѓа моќта на бизнисот.

Г-ин Ото Граф, заменик амбасадор, Амбасада на Сојузна Република Германија во Северна Македонија „Стручната обука е нешто многу блиску до срцето на нас, Германците, ги обединува и сите земји производители во Европа,” изјави заменик амбасадорот, додавајќи дека индустриското производство е можно само со образована работна сила. Истакна дека ова е почетна точка за установите за стручно образование и обука во Северна Македонија, бидејќи компаниите почувствуваа потреба од повеќе работна сила. „Неодамнешната анализа во Германија покажува дека животните приходи на луѓето со стручно образование ќе бидат малку над животните приходи на академски образованите. Овој тип на образование е многу важно да се продолжи,” изјави тој. Тој ја поздрави идејата, истакнувајќи дека ова е натпревар на кој победува добрата идеја. Граф им честитааше на конзорциумите кои победија во вториот повик и ги повика неуспешните конзорциуми од претходните години, повторно да учествуваат на следниот повик, изјавувајќи дека дуалното образование ќе се исплати на компаниите, на земјите и економските односи меѓу земјите.

Г-ин Јетон Шаќири, Министер за образование и наука, изјави дека реформата во средното стручно образование во Македонија е успешна, а тоа го покажува и зголемениот број на запишани ученици секоја година. Целта на реформата е да се произведат кадри со потребните вештини и компетенции што ги бараат компаниите, овозможувајќи им на младите луѓе да влезат на пазарот на труд или да продолжат со високото образование. Министерот ја истакна важноста на помошта од Европските партнери, благодарение на која во стручното образование се воведува и дуален модел на стручно образование. „Дуалниот модел на стручно образование, воведен во 2017/2018 година им овозможува на компаниите, средните стручни училишта, Стопанската комора и локалните самоуправи секоја година согласно потребите да адаптираат нови наставни програми со цел унапредување на практичната обука на учениците,“ изјави министерот и додаде: „Поради зголемениот интерес за стручно образование, за следната 2023/24 година предвидени се 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места во соработка со над 500 компании.“ Тој ја истакна заложбата на Министерството за образование и наука да го развие стручното образование во центри на извонредност, иновативност и релевантност. Дополнително, промените во политиките за стипендирање и новиот Закон за стручно образование и обука се насочени кон зголемување на атрактивноста на средното стручно образование. Шаќири ја поздрави иницијативата на Регионалниот фонд за предизвици преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за институциите кои обезбедуваат практична обука и кои учествуваат во заеднички активности за практична обука со партнерски претпријатија, со што се поддржува заложбата на Министерството за реформа на стручното образование, за зголемување на вработливоста на младите и стекнување со соодветни вештини и компетенции, според потребите на компаниите.

Г-ин Мориц Реме, директор на Канцеларијата на Германската развојна банка во Северна Македонија и Косово, им честиташе на 6-те конзорциуми во Северна Македонија кои победија на вториот повик на Регионалниот фонд за предизвици, со одлични програми за кооперативна обука. Тој го истакна големиот интерес на конзорциуми во Северна Македонија, од кои шесте најдобри се наградени со речиси 2,7 милиони евра, што споредено со големината на економијата и населението претставува успех. Реме ја истакна потребата за финансирање, но и за соработка помеѓу СОО и компаниите што е суштински за успешна трансформација.

„Поради позитивниот одзив на првиот и вториот повик, сакаме да најавиме дополнителни инвестиции во износ од 9,7 милиони швајцарски франци од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC),“ изјави тој во својот говор. „Горди сме што со овој инструмент ќе ги усогласиме стручните училишта со потребите на економијата и ќе ги подготвиме матурантите за пазарот на труд со подобри вештини, со цел да се намали невработеноста на младите и да се елиминира недостигот на кадар во компаниите. Сепак, овој инструмент нема веднаш да ги трансформира целокупните системи за СОО во земјата, туку ќе даде предлози и стимулации за понатамошен развој на системот за СОО од страна на Министерството за образование и сите актери во секторот.“ Реме очекува во следните повици на Регионалниот фонд за предизвици да види повеќе просперитетни програми за обука низ Северна Македонија. Ги охрабри и сите конзорциуми кои беа неуспешни на првиот или вториот повик да учествуваат на следниот повик, кој ќе биде објавен кон крајот на овој месец. Им се заблагодари на Единицата за управување со Фондот и на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за нивните напори и им честиташе на победничките конзорциуми, посакувајќи им успех во спроведувањето на нивните програми.

Г-а Татјана Штерјова Душковска, Генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, истакна дека повеќе фактори влијаеле да се стигне до овој стадиум денес, да се разговара за набавка на најсовремена опрема и технологии во училиштата каде ќе се реализира практичната настава на учениците.

„Клучна улога во развојот на целиот процес имаат стопанските комори низ целиот регион, многу пред да биде основан Регионалниот фонд за предизвици и пред вклучување на Коморскиот инвестициски форум на ЗБ6.“ Таа истакна дека покрај менувањето на перцепцијата на луѓето за стручното образование, потребно е на компаниите да им се потенцира важноста од инвестирање во стручното образование на младите уште на најрана фаза од нивното образование. На тој начин, истакна Душковска, овие млади луѓе ќе станат додадената вредност на компанијата. На крај, Душковска го најави третиот повик, кој треба да се отвори кон крајот на мај.

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) е финансиски механизам дизајниран да ја зголеми вработливоста на младите и да ја зајакне конкурентноста на претпријатијата во економиите на Западен Балкан, преку финансирање инвестиции во избрани проекти на кооперативна обука имплементирани од установи за стручно образование и обука, во партнерства со претпријатија. Германското федерално министерство за економска соработка и развој намени 64,43 милиони евра за РЦФ, а Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), вложи дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци. Средствата се доделени на Германската развојна банка (KfW), а проектот се спроведува од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (WB6- CIF), заедничка иницијатива на Стопанските комори од регионот.

Можеби ќе ве интересира...

Нови цени на горивата во Македонија

BiznisPRO

Азески во собранието – Мисија за деблокада на економските закони

BiznisPRO

РКЕ – Намалување на дел од дериватите, ова се новите цени кои ќе важат од полноќ

BiznisPRO