„Реплек“ во јубилејната 2025 година со раст на профитабилноста и стратегија за експанзија на извозот

Со раст на профитабилноста, силни позиции на пазарите и континуиран раст на продажните резултати, „Реплек АД Скопје“ ја заврши 2025 година. Компанијата оствари видливо унапредување на профитабилноста генерирајќи профит од 5 милиони евра, односно раст за 39% во однос на 2024 година. Нето профитната маргина се зголеми од 11,5% на 15%, што ја потврдува способноста на компанијата да генерира одржлива вредност и повисока ефикасност во работењето, дури и во услови на интензивни инвестициски активности.

Остварените позитивни резултати во 2025 година се должат на стратешкиот пристап на компанијата, ефективноста во управувањето со трошоците, и променетиот пристап за освојување на нови пазари и зајакнување на портфолиото. Како извозно ориентирана компанија „Реплек АД Скопје“, 75% од своите приходи ги остварува од странски пазари, додека останатите 25% се остваруваат на домашниот пазар. Компанијата е присутна на 25 пазари во светот, а според бизнис планот во следниот период, фармацевтското портфолио на компанијата ќе биде присутно на 40 пазари, односно 15 нови пазари. Тоа значително ќе ги зајакне позициите на компанијата, но и растот на приходите и профитабилноста.

„Деловните резултати што ги остваривме во 2025 година се јасна потврда дека ‚Реплек’ е позиционирана како силна и стабилна фармацевтска компанија, со јасна визија за долгорочен раст и развој. Успешно завршената година е резултат на доследно спроведената стратегија на континуирани инвестиции во иновации, модернизација на производствените капацитети и храброто освојување на нови пазари, како и на продлабочувањето на партнерствата на постојните. Особено нѐ охрабрува фактот што успеавме да го зголемиме и одржуваме извозот, што е најсилен доказ дека нашите производи ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди и се високо конкуренти, што се должи на посветеноста и професионалноста на целиот тим на ‚Реплек’. Токму во освојувањето на нови пазари, на што посветено работиме, го гледаме најголемиот потенцијал за раст. Остануваме силно посветени на нови инвестиции во технологии, луѓе и знаење и продолжуваме да бидеме компанија што создава долгорочни вредности за заедницата и за националната економија“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.

Вкупните приходите од продажбите на „Реплек“ во периодот од 1 јануари заклучно со 31 декември 2025 година изнесуваат 34 милиони евра, што претставува раст од 8% во споредбата со 2024 година, и е доказ за континуираната динамика на раст и стабилното пазарно присуство на компанијата. Од продажбата на домашниот пазар „Реплек“ реализираше приходи од 8,6 милиони евра, задржувајќи силна позиција и континуирано присуство во клучните сегменти. Преку извозните активности, пак, компанијата оствари приходи од 25,4 милиони евра, потврдувајќи ги своите позиции на странските пазари.

Минатата година, „Реплек“ успешно го имплементираше новиот ERP систем со премин на SAP S/4HANA, со што беше унапредена ефикасноста и контролата на деловните процеси. Компанијата реализираше значајна инвестиција во нов современ производствен блок по највисоки фармацевтски стандарди, со што се модернизира и автоматизира производствениот процес и се зголеми капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за 25%. Инвестицијата вклучи најсовремена технолошка линија со напредни системи и вештачка интелигенција за контрола на квалитетот во реално време. Дополнително, успешно беа лансирани девет нови производи на пазарот, со што се збогати понудата за потрошувачите и се зајакна иновативноста и флексибилноста на компанијата.

Фокусот ќе остане на натамошно зајакнување на пазарното присуство, одржлив раст на продажбите, како и континуирано унапредување на профитабилноста, со цел создавање долгорочна вредност за акционерите. Компанијата останува посветена на принципот на висока транспарентност во работењето, кој особено се зајакнува по нејзиното вклучување во МБИ10 индексот на Македонската берза. Потврда за тоа беше и наградата што ја добри „Реплек“ за најтранспарентна компанија од Македонската берза во избор на новинарите, што уште повеќе ја потврдува посветеноста на компанијата кон високите стандарди на отчетност кон јавноста и инвеститорската заедница.

Можеби ќе ве интересира...

Wizz air го претстави новиот центар за обука на пилоти на аеродромот во РИм – Фјумичино

BiznisPRO

Повеќе надомест за оние кои издаваат четири или повеќе станови

BiznisPRO

Вкупното производство на шумски производи во државните шуми во третото тримесечје од 2025 година е намалено за 4.3 % во однос на третото тримесечје од 2024 година

BiznisPRO