САМИТ НА МАКЕДОНИЈА 2025: Неопходен е консензус на патот до просперитет и една визија за забрзан раст

Со учество на 50 говорници во 12 панел-сесии и присуство на над 500 претставници од домашни, регионални и компании од дијаспората, експерти и лидери, започна 13-то издание на Самитот на Македонија2025.

„Без оглед на политичките разлики, на тешкотиите и болките низ кои минавме, на грешките од минатото, односно дали се тие вистински или се перцепција, сега е моментот за голема промена“, порача претседателот на Оборот на директори на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски. Тој додаде дека „Македонија 2025 е посветена да биде дел од ваквата промена, да се посвети на економскиот развој и раст на земјата и да ги дава своите совети, со сета вредност и со сета моќ која ја имаат нејзините лидери, без оглед каде се наоѓаат во светот“, истакна Чкламовски во своето обраќање при отворањето на Самитот.

Потсетувајќи на досегашниот придонес на организацијата за економскиот и општествениот напредок на Македонија, извршната директорка на Македонија2025, проф. Никица Мојсоска Блажевски, во своето воведно обраќање истакна: „Ние во Македонија2025 повикуваме на едногласен консензус на патот до просперитет, односно сите да споделиме Една визија за забрзан раст. Фундаментите на оваа визија се: Нулта толеранција за корупција преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност, континуиран раст на БДП над 5% годишно преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ“.
Апелирајќи до сите политички партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани, да ги здружат напорите и ресурсите за создавање подобра иднина, проф. Мојсоска Блажевски порача: „Она што ние ветуваме е дека Македонија2025 ќе ја активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи овие принципи кои се фундаментални за забрзан раст. Македонија2025 активно ќе се ангажира и ќе работи рамо до рамо со сите што ја споделуваат визијата за раст и просперитет“.
Во фокусот на годинешниот Самит е стратешкото лидерство во ерата на брзи промени кои наметнуваат потреба од поголема конкурентност, преку иновации и дигитална трансформација на општеството и во водењето на бизнисите.

„Во програмата на годинешниот Самит всушност се опфатени клучните приоритети од вкупната програма за просперитетна иднина на Македонија2025. Сметаме дека иновациите и новите технологии се клучниот начин како да се остварат целите на оваа програма и затоа голем акцент на овој Самит е посветен токму на тоа иновациите и новите технологии кои можат да помогнат во развојот на домашните компании и нивната конкурентност и со тоа да придонесат за вкупниот економски развој на државата“, изјави Васко Кроневски, заменик претседател на Одборот на директори на Македонија2025.

На годинешниот Самит ќе се отворат и темите околу зголемување на регионалниот развој и просперитет, ќе се слушнат искуства за раководењето и растот на семејните бизниси, примената на вештачка интелигенција, а дополнително ќе се обработат и теми поврзани со глобални стратегии за привлекување странски инвестиции, демократијата и слободат на говорот во дигиталното време, како и за корупцијата како инхибитор на просперитетот.

„Меритократијата, борбата против корупцијата, начините како да се зголеми извозот и како да се зголеми квалитетот на образовниот систем се некои од темите на овој Самит кои се исклучително важни за нас и треба да придонесат за постигнување на крајната цел – остварување на најмалку 5% годишен раст на бруто националниот доход што е неопходен за да може државата полека да фати економски приклучок со сите останати земји во регионот и пошироко“, оцени членот на Одборот на директори на Македонија2025, Живко Мукаетов.

Во рамки на Самитот, што претставува една од најдобрите регионални платформи за размена на искуства, зајакнување на соработката и вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, покрај двата конференциски дена, ќе се организираат и 5 предавања и работилници на високообразовните институции во земјава и 5 работилници со компании и институции на кои ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025.

Претставници на Македонија2025 остварија средба и со претседателката Гордана Силјановска Давкова во нејзиниот Кабинет, при што имаа можност да ги претстават целите и активностите на организацијата и да разговараат за идната меѓусебна соработка.

Можеби ќе ве интересира...

Лоша вест: Значително поскапуваат горивата

BiznisPRO

Индекси на прометот во секторот Трговија

BiznisPRO

Дали денес треба да се посети менувачница? – Курсна листа за 4 ноември 2024

BiznisPRO