Силен раст на цената на нафтата: Вредноста на „црното злато“ е блиску до највисокото ниво годинава

На лондонскиот пазар цената на нафтата минатата недела силно порасна, блиску до највисоката оваа година, што е последица на шпекулациите дека најголемите светски производители ќе задржат намалено производство на „црното злато“.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 4,7 отсто на 88,49 долари, што е највисоко ниво од крајот на јануари. На американскиот пазар цената на барелот порасна за 6,5 отсто, на 85,02 долари, највисоко ниво од ноември минатата година.

Со ова цените ги надоместија сите загуби од претходните две недели, што е последица на загриженоста на трговците за понудата.

Имено, се шпекулира дека водечкиот светски извозник Саудиска Арабија, исто така, ќе го намали производството за еден милион барели дневно во октомври, згора на веќе договореното намалување на производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници. .

– Очекуваме дека ќе ја продолжат одлуката за намалување на понудата и дека нафтата на ОПЕК ќе се врати на пазарот кога цените ќе се стабилизираат над 90 долари за барел, сметаат аналитичарите на Националната австралиска банка во прегледот на состојбата на пазарот.

Русија, вториот најголем извозник на нафта во светот, веќе се договори со своите сојузници од ОПЕК+ дека следниот месец ќе го намалат извозот на нафта, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.

Побарувачката треба да се зајакне, судејќи според падот на комерцијалните залихи во САД во пет од изминатите шест недели.

Покрај тоа, трговците се надеваат на закрепнување на кинеската економија. И ОПЕК и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценуваат дека Кина, најголемиот светски увозник на нафта, ќе ја зголеми побарувачката до крајот на годината.

Така, понудата на светските пазари би можела да биде тесна до крајот на годината, делумно поради релативно здравата глобална побарувачка, а делумно поради Саудиска Арабија, која постави прилично висок ценовен праг, вели Тамас Варга од PVM.

По силниот скок минатата недела, цените на нафтата во моментов се повисоки отколку што беа на почетокот на годината. На лондонскиот пазар во однос на почетокот на годината цената на барелот поскапе за околу три отсто, а на американскиот пазар речиси шест отсто.

Можеби ќе ве интересира...

Цената на гасот во Европа се зголеми за повеќе од 10 отсто

BiznisPRO

Склучен Меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари на Македонија

BiznisPRO

Русија заработува повеќе од нафта отколку пред санкциите

BiznisPRO