Советот на Народната банка: Промени кај задолжителната резерва заради натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење

Советот на Народната банка, на вчерашната редовна седница, ја усвои Одлуката за задолжителна резерва, којашто предвидува сет од сеопфатни мерки главно насочени кон натамошна поддршка на процесот на денаризација во банкарскиот сектор и зголемување на долгорочното штедење во банкарскиот систем. Воедно, мерките овозможуваат и поедноставување, модернизација и усогласување на системот на задолжителна резерва со поставеноста во еврозоната.

Во согласност со Одлуката, сите обврски на банките во домашна валута со рочност над две години, како и денарските депозити на населението орочени над една година се ослободени од обврската за исполнување на задолжителната резерва, односно на нив ќе се применува стапка на задолжителна резерва од 0%. За обврските со рочност над две години во странска валута, банките ќе имаат обврска да издвојуваат задолжителна резерва по стапка од 5%.

Новите мерки предвидуваат и постепено нормализирање на стапката на задолжителна резерва за краткорочните денарски обврски на преткризното ниво од 2022 година. Така, во првата фаза од јуни 2024 година, оваа стапка, од тековните 5% ќе се зголеми на 6,5% и дополнително на 8% во втората фаза, почнувајќи од јули 2024 година. За сите краткорочни обврски во странска валута и натаму важи стапката од 21%.

Се очекува дека овие промени ќе придонесат за приспособување на каматните политики на банките заради зголемување на понудата на попривлечни долгорочни денарски инструменти за штедење на клиентите. Со тоа, дополнително ќе се зајакнат тековните поволни поместувања во депозитната база на банките, коишто водат кон зголемување на структурното учество на штедењето во денари и на подолг рок.

Со новата одлука банките ќе имаат можност и за повисока флексибилност при управувањето со девизната ликвидност, со оглед на зголемувањето на делот од задолжителната резерва во евра, којшто банките го исполнуваат на просечна основа, од 10% на 15%. Покрај тоа, со измените се предвидува еднаков третман на обврските со девизна клаузула така што стапката од 100% ќе се применува за сите обврски независно од рочноста и клиентите на банките и штедилниците. Со цел да се постави единствена рамка и примена на исти услови за сите институции коишто прибираат депозити и придонесуваат во трансмисијата на монетарните сигнали преку кредитната активност, со Одлуката се изедначуваат и стапките на задолжителна резерва за банките и штедилниците.

Најголемиот дел од мерките ќе се применуваат од периодот на задолжителна резерва којшто започнува во јуни.

Задолжителната резерва е инструмент на монетарната политика на Народната банка којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка, во согласност со обврските коишто ги имаат преземено. Преку задолжителната резерва се управува со ликвидноста и краткорочните каматни стапки на пазарите на пари. Од 2009 година, Народната банка посилно се потпира на системот на задолжителната резерва за поттикнување на денаризацијата.

Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.

Можеби ќе ве интересира...

Доаѓаат пари на сметките: Кој има право на К-15 годинава и колку ќе изнесува?

BiznisPRO

„Ербалтик“ ќе лета од Рига за Скопје од 2 мај

BiznisPRO

За претседател на Управниот одбор на ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп АД Скопје, е назначен Климе Попоски

BiznisPRO